Возачот на Мекларен, Оскар Пјастри, е победник на трката за Големата награда на Мајами во Формула 1. Ова беше шеста трка од овогодинешното првенство и четврти триумф на Австралијанецот. Второто место го освои неговиот колега Ландо Норис, а Џорџ Расел од Мерцедес исто така се искачи на подиумот.  Актуелниот шампион Макс Верстапен, кој стартуваше од пол-позицијата, на крајот заврши на четвртото место.

Пјастри продолжи со своето фантастично возење во Мајами и доминантно дојде до победата. Драмата се случи уште на почетокот од трката. Макс Верстапен стартуваше од првото место, а Норис, кој беше зад него, веднаш се обиде да го престигне, но заврши надвор од патеката на првата кривина, губејќи три позиции во пласманот. Шампионот го држеше првото место, но Пјастри му се приближуваше сè повеќе и повеќе и го престигна во четиринаесеттиот круг, го презеде водството и не го испушти до крај.

Пјастри го зголеми своето водство во генералниот пласман. Тој сега има 131 поени, 16 повеќе од второпласираниот Норис. Верстапен е трет со 99 бода. Следната трка е Големата награда на Емилија Ромања, која ќе се вози за две недели на патеката Имола во Италија.

ИЗДВОЕНИ