ЕБОР ја одобри новата петгодишна стратегија за Македонија

11

Бордот на директори на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја одобри новата стратегија за Македонија, за следните пет години (2025-2030).

Канцеларијата на ЕБОР во Скопје денеска соопшти дека стратегијата се фокусира на стратешките приоритети на земјава: зајакнување на регионалната интеграција преку поврзување и зајакнување на поврзаноста на синџирот на вредности, забрзување на транзицијата кон зелена и одржлива иднина и поддршка на поконкурентна, инклузивна и доброуправувана економија.

Фатих Туркменоглу, претставник на ЕБОР за земјава, истакнува дека новата стратегија ја определува јасната и амбициозна визија на ЕБОР во следниве пет години, фокусирајќи се на продлабочувањето на регионалната интеграција, забрзувањето на зелената интеграција и на градењето поконкурентна, инклузивна и доброуправувана економија.

– Преку инвестирање во отпорна инфраструктура и поддршка на развојот на синџирот на вредности, се стремиме да ѝ помогнеме на земјава да ја зајакне улогата во регионалната економија. Во исто време, нашата определба за декарбонизација и за одржливи јавни услуги ќе го поддржи патот на земјава кон позелена иднина. Ќе продолжиме да ги промовираме растот на приватниот сектор, демографијата, ќе го подобриме владеењето и ќе ја зајакнеме економската инклузија, особено за жените, младите и за помалку застапените групи. Со силно локално партнерство и заедничка реформска агенда, уверен сум дека Северна Македонија е добро позиционирана да го отклучи целосниот потенцијал и да постигне уште подраматичен и инклузивен раст во годините што следуваат – вели Туркменоглу.

ЕБОР досега има инвестирано над 2,9 милијарди евра во 198 проекти во земјава.

ИЗДВОЕНИ