Македонскиот ракометен шампион, екипата Еурофарм Пелистер, го претрпе и вториот пораз во Лигата на шампионите, по три одиграни кола, откако загуби на домашен терен од ГОГ Гудме со 31:28. Сега, двата тима имаат по една победа и по два пораза.

Тимот од Битола започна фуриозно на почетокот од натпреварот и со серија од 6:1 дојде до висока предност од +5 (10:5). Но, Данците го променија системот на игра и почнаа да играат „седум на шест“ во нападот, и тоа им донесе резултат. До полувремето, ја анулираа предноста на Пелистер и заминаа на пауза со 14:14. Во вториот период, ГОГ Гудме продолжи во свој стил, што му донесе и највисоки +4 (18:22), па играчите на Рубен Гарабаја немаа сили за целосен пресврт.

  • Видовме три натпревари во само овој еден. Мечот го почнавме добро, тактички, но потоа противникот започна со „седум на шест“, директно „еден на еден“ и тоа беше клучниот фактор што ја направи разликата. Ни требаше долго време да се навикнеме на таквата игра, потоа беше предоцна – изјави Гарабаја.

Најефикасен во победничкиот тим беше Фредерик Бјерне со 13 гола без промашување, кој сигурно ќе се најде и во тимот на колото, додека кај нас, Дејан Манасков запиша девет гола, а Филип Кузмановски осум.

Инаку, вреди да се напомене дека популарната навивачка група на Пелистер, „чкембари“, направи атмосфера за паметење во салата „Боро Чурлевски“, но и покрај сето тоа, Еурофарм Пелистер не успеа да ја одбрани тврдината.

Во следното коло, Еурофарм Пелистер ќе гостува во Полска, кај Висла Плок, на 8 октомври.

 

ИЗДВОЕНИ