Управата за јавни приходи, по Нова година, ќе започне со пробно тестирање на проектот „Е-фактура“ со кој ќе се минимизира ризикот од злоупотреби и од фиктивни фактури. Директорката на УЈП, Елена Петрова, очекува со оваа дигитална реформа да се подобри управувањето со јавните финансии, да се подобри даночната усогласеност, брзо и лесно да се детектираат несоодветните одлуки на влезен ДДВ, несоодветно декларираните расходи што не се признаваат за стопанската дејност, да се намали сивата економија и да има поефикасна даночна контрола.
Таа најави дека „Е-фактура“ ќе се спроведува многу внимателно за да се обезбеди подготвеност на корисниците на новиот систем за кој е набавена современа ИТ-опрема, која треба да обезбеди стабилна инфраструктура.
– Се наоѓаме пред клучна фаза, целосно сме фокусирани на стартот на пилот-имплементацијата од 1 јануари 2026 година. Тогаш ќе го објавиме комуникацискиот механизам, кој треба да обезбеди автоматска и безбедна размена на податоците меѓу системите на компаниите и системот за е-фактура. Ќе биде поставена техничката документација врз основа на која компаниите ќе можат да почнат да ги приспособуваат своите софтвери, да ја спроведуваат техничката интеграција и да започнат со тестирање на испраќањето и издавањето фактури во контролирана тест-околина – рече Петрова на панелот „Дигитална трансформација на јавниот сектор“, на третата годишна конференција за дигитализација на Американската стопанска комора „Амчам“.
Оваа фаза ќе биде наменета за ИТ-компаниите и тимовите што работат на развојот и одржувањето на фактурирачките и на сличните системи, како и за економските оператори што имаат свои ИТ- решенија.
– До крајот на првиот квартал од 2026 година ќе бидат објавени и клиентската апликација и веб-апликацијата, кои ќе бидат наменети за помалите компании што немаат сопствени фактурирачки системи, а до крајот на вториот квартал ќе биде поставен продукцискиот сервер. Планирано е до крајот на третиот квартал да заврши тестирањето и да почне спроведувањето – информира Петрова.
Фазите за задолжително спроведување сè уште не се утврдени, но најави дека ќе биде направено и тоа во најскоро време, откако ќе се видат резултатите од почетното тестирање, во поглед на димензионираноста и на дизајнот.
– Комуникацијата и доаѓањето на податоците ќе бидат во реално време, бидејќи преку тој систем ќе се врши издавање на фактурите. Овој модел е најблиску до ОЕЦД-концептот „Даночна администрација 3.0.“, кој се однесува на високата интеграција на системите на даночната администрација со системите на компаниите и други страни и на создавањето интероперабилен даночен систем. Со Министерството за финансии се договоривме во овој систем, покрај фактурите, да поминуваат и да се издаваат и придружните документи, како испратници, приемници, времени ситации итн., со што системот ќе обезбеди целосна документирана деловна трага за еден деловен настан. Се прави со цел да се минимизира ризикот од злоупотреби и од фиктивни фактури – рече Петрова и дополни дека се работи и на заштита на податоците, автентичноста на фактурата за да нема можности за промени, заштита од разни напади, блокирања на системот.
Славко Пројковски, член на Одборот на директори на „Амчам“, потенцира дека секој нов систем што се воведува, нов процес или ново поврзување мора да биде безбедно и затоа смета дека е неопходно јакнење на рамката за сајбер безбедност.
– Дигитализацијата на државните сервиси мора да се одвива во соработка со приватниот сектор. Прогресот зависи од една работа: работењето заедно. Ни треба силно партнерство. Владата да го притиска приватниот сектор за иновации, а приватниот сектор да ја притиска Владата за модернизирање. Кога двете страни ќе ги здружат силите, прогресот ќе биде побрз и одржлив. Луѓето се во центарот на трансформацијата. Мора да инвестираме во дигиталните вештини на секое ниво, да им помогнеме на институциите да креираат и да понудат нови системи, на компаниите да ги дигитализираат своите процеси, а граѓаните да се чувствуваат безбедно кога ги користат – рече Пројковски.
Mинистерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, сподели дека се воведува единствен електронски број на граѓанинот откако на последната седница на Владата беа прифатени измени на Законот за централен регистар на населението.
– Тоа ќе биде репликација и во единствениот даночен број за граѓаните, што значи ќе имаме анонимен број што ќе поврзува и ќе дава информација за секој граѓанин за да ги заштитиме граѓаните – истакна Андоновски.
Тој рече дека на платформата за интероперабилност на Министерството за дигитална трансформација досега се приклучени 78 државни институции, а очекува наскоро на платформата да се приклучат и коморите на нотарите, извршителите, адвокатите, а ги повика и приватните компании, од кои досега има само десетина.












