Проектот „Е-фактура“ претставува долгорочна инвестиција што ќе донесе значајни придобивки и за компаниите и за државата, истакна директорката на Управата за јавни приходи, Елена Петрова, на настан организиран од Сојузот на стопански комори на Македонија, каде што деловната заедница се запозна со процесот на воведувањето на е-фактура.
Пред бизнис-секторот, таа потсети дека пилот-фазата на спроведувањето започнал на 1 јануари оваа година и дека во тек е периодот на подготовка, во кој, како што нагласи, активно се вклучени и софтверските компании што развиваат фактурирачки решенија, како и економските оператори со сопствени ЕРП-системи.
Според директорката, техничката документација за пристап до системот е објавена и јавно достапна, со цел навремено приспособување и развој на АПИ-канали за комуникација со платформата „Е-фактура“.
Таа најави дека клиентската апликацијаи веб-апликацијата ќе бидат објавени во вториот квартал од годината, по што ќе започне тестирање со малите и со средните компании што немаат сопствени системи и ќе ги користат бесплатните решенија што ги обезбедува УЈП.
Пред бизнис-заедницата, директорката потенцираше дека развојот на „Е-фактура“ се одвива во партнерство со стопанството, бидејќи проектот ќе влијае врз секојдневното работење на компаниите. Таа посочи дека дигитализацијата ќе доведе до значително намалување на административниот товар, автоматизација на процесите, укинување на рачните активности и до побрзо архивирање и следење на фактурите.
Системот ќе отвори можности за дополнителна дигитализација како автоматско книжење, подготовка на налози за плаќање и користење на податоците за аналитички и за деловни цели.
Од аспект на УЈП, проектот значи добивање структуирани податоци во реално време и подобрена даночна усогласеност. Податоците ќе се вкрстуваат со постојните бази – даночни пријави, финансиски биланси, банкарски и царински податоци – што, како што беше истакнато, ќе овозможи побрзо откривање и корекција на евентуалните отстапувања.
Петрова појасни дека наместо контроли по неколку години, системот ќе обезбеди навремени и автоматизирани реакции, што, според неа, е во интерес и на компаниите, бидејќи ќе овозможи побрзо и полесно коригирање на грешките.
Директорката на УЈП порача дека „Е-фактура“ ќе придонесе за спречување на сивата економија и на нелојалната конкуренција преку обезбедување дигитална трага за сите деловни трансакции во земјата.












