Дворски игри или искрена волја за вистината со незаконското следење?

Пратеничкиот надзор во АНБ под знак прашалник

74

Деловникот беше причината за неодржување на собраниската комисија за надзор на тајните служби која требаше да се одржи денеска, а заради закажување на посета и увид во класифицираните информации во АНБ од страна на членовите-пратеници.  Според собраниските служби комисијата била одложена, а според нејзиниот претседател Скендер Реџепи поништена. „Скандал ќе беше претседателот на Собранието Африм гаши да свика седница без да поднесе барање“, вака ја започна прес-конференцијата Реџепи.

– Деловникот е јасен согласно член 126 од Деловникот јас свикувам седница по барање од една третина од членовите на комисијата или по барање на претседателот на Комисијата. До мене не е пристигна такво барање, ни до Комисијата, ниту од претседателот на Собранието, затоа седницата не беше одложена, туку поништена бидејќи е против Деловникот и седница ќе свикам јас кога за такво нешто ќе има барање. Жалосно е што станавме банана држава, во која секој секого прислушува и во која секој знае за тоа. Како може премиер да има такви информации дека е прислушуван кога се знае дека државните безбедносни служби, класифицираните информации, се знае по кој ред на законот се изнесуват во јавноста и затоа јас нема да бидам дел од еден ваков скандал, изјави Реџепи и додаде доколку се одржела ќе му поднел кривична пријава на претседателот Гаши.

Веднаш по него пратеникот кој е член на Комисијата за надзор, Љупчо Пренџов, инсистира на состанок заради влез во АНБ во вторник наутро.

-Она кое што е императив, наш императив, е на деветти, во девет часот наутро, Комисијата за надзор да биде во АНБ. Значи, првиот работен ден од денес, Комисијата да биде во АНБ со цел да се запознае со сите списи и сите документи за оно што се случувало. Се друго, освен тоа, е изигрување на волјата на граѓаните и на јавниот интерес бидејќи најбрзо посета во АНБ е дел од јавниот интерес. Дали ќе има денес Комисија во 14, во 18 или во 22 часот, дали кај ја води Скендар Реџепи или госпоѓата Славјанка Петровска, е техничка работа. Суштинска работа е, првиот работен ден од денес, вторник во девет наутро Комисијата да биде во АНБ, појасни Пренџов.

Пратеничката Славјанка Петровска потврди дека во четвртокот добила покана да преседава со Комисијата, а веќе следниот ден дека нема бидејќи е одложена.

-По проверка во службите, ми потврдија дека навистина таква иницијатива за свикување на Комисијата не била доставена. И мене лично, како пратеничка на СДСМ, ни е од интерес надзорот да се спроведе и граѓаните, а и јавноста, да бидат информирани за наводите и информациите до кои ќе дојдеме. Секој друг обид за шпекулации, сценарија или префрлање вина власт-опозиција-ДУИ и така натаму е неприфатлив, бидејќи се покажува дека поединци во Собранието немаат сериозен пристап кон ова прашање, изјави Петровска која се сомнева дека власта сериозно сака надзор во АНБ по скандалот кој го обелоденија за нова афера со прислушувањето.

Во меѓувреме продолжуваат партиските  препирки околку незаконското прислушување. Опозицијата се сомнева дека декласификацијата ќе ги потврди сомневањата за милионски криминал во случајот „Делчевски ниви“

-Дали овие документи кои Мицкоски одбива да ги декласифицира покажуваат дека шефот на организираната криминална група која се стекнала со корист во илјадници евра е токму Христијан Мицкоски? Дали во овие документи има сериозни индиции за повторно нелегало финансирање на ВМРО-ДПМНЕ како и индиции за организиран криминал и корупција? Постапката за декласификација на овие документи е едноставна и би ги разрешила сите дилеми кои ги има во јавноста. Одбивањето на декласификација на овие документи ќе биде доказ дека Мицкоски како тогаш така и денес не може да излезе од криминалната матрица и негова единстгвена цел е личното богатење, обвинија од СДСМ. По нив од ВМРО ДПМНЕ ги запрашаа ако го следеле Мицкоски заради делчевски ниви, како тогаш СДСМ го знае тоа или си измислува изговори.

-Ако Мицкоски е следен заради било што поврзано со било кој случај, самиот факт што не е уапсен е доказ дека сè што зборуваа од СДСМ е лага и им благодариме што открија дека и самите знаеле што е вистина дека Мицкоски нема никаква компромитација ниту бил дел од било што нечесно било кога. И конечно, тоа што самите бараат изговори да оправдаат следење на опозицијата (откако веќе докажано знаеле дека нема никаков случај против него и е чист како солза) е само по себе доказ дека се инволвирани и дека нивни структури свесно го правеле ова, реагираат од ВМРО ДПМНЕ и уште еднаш го повикаа Обвинителството да го расчисти случајот.

Двете партии деновиве се надмудруваат дали и кој има право да ги декласифицира информациите во белешките во кои се следел Христијан Мицкоски како лидер на опозицијата, медиуми, бизнисмени и поранешниот министер за полиција Оливер Спасовски. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ