Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, во интервју за медиум истакна дека во следните четири години ќе се заложи за двојно зголемување на зеленилото според бројот на високостеблести дрвја и вкупната покриеност со зелени површини.
– Во моментов имаме детектирано околу 10.000 високостеблести дрвја. Нашата визија е значително да го зголемиме овој капацитет. Планираме да збогатиме дел од постојните паркови и зелени површини, а со измените на законските регулативи задолжително предвидуваме повеќе дрва и зеленило во самите парцели – истакна Герасимовски.
Тој нагласи дека екологијата и зелената енергија се главен приоритет на Општина Центар.
– Ја основавме „Енергија Центар“, првото вакво претпријатие со можност за производство и продажба на електрична енергија. Веќе поставивме фотоволтаични централи на повеќе локации, а најголемата е на училиштето „Киро Глигоров”. Бидејќи Општината нема индустриска зона, создадовме начин буџетот да се полни не само од даноци и комуналии, туку и од обновливи извори на енергија, притоа обезбедувајќи ги потребите на нашите објекти и создавајќи профит – посочи градоначалникот.












