Значително намалување на бројноста на водните птици во Охридското Езеро покажуваат најновите резултати од зимскиот цензус на водните птици, спроведен во јануари 2026 година од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД). Годинава се регистрирани околу 14.000 единки, што е речиси двојно помалку во однос на 2025 година, кога биле избројани над 26.000 водни птици.
– Во споредба со податоците од последните пет години, Охридското Езеро покажува најдинамични промени. Причините ќе се утврдуваат по детална анализа на сите релевантни фактори и во споредба со резултатите од другите европски земји – изјави Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во МЕД.
Податоците од последните три години покажуваат континуирана нестабилност во бројноста на водните птици. Во 2024 година биле регистрирани околу 11.000 единки, во 2025 нивниот број се зголемил на 16.000, а во 2026 повторно се намалил на 14.000. За разлика од Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро бележат стабилни популации или умерен раст

Значително намалување на бројноста на водните птици во Охридското Езеро покажуваат најновите резултати од зимскиот цензус на водните птици, спроведен во јануари 2026 година од страна на Македонското еколошко друштво (МЕД). Годинава се регистрирани околу 14.000 единки, што е речиси двојно помалку во однос на 2025 година, кога биле избројани над 26.000 водни птици.
Иако може да се толкуваат ваквите промени како природна варијација, експертите предупредуваат дека состојбата на Охридското Езеро не може да се анализира изолирано. Според стручната јавност, станува збор за дел од подолгорочен тренд што укажува на зголемен антропоген притисок врз езерскиот екосистем.
– Во споредба со податоците од последните пет години, Охридското Езеро покажува најдинамични промени. Причините ќе се утврдуваат по детална анализа на сите релевантни фактори и во споредба со резултатите од другите европски земји – изјави Данка Узунова, орнитолог и проектна координаторка во МЕД.
Податоците од последните три години покажуваат континуирана нестабилност во бројноста на водните птици. Во 2024 година биле регистрирани околу 11.000 единки, во 2025 нивниот број се зголемил на 16.000, а во 2026 повторно се намалил на 14.000. За разлика од Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро бележат стабилни популации или умерен раст.
Од Македонското еколошко друштво посочуваат дека бројките сами по себе не се доволни за конечни заклучоци, но претставуваат важен индикатор за состојбата на живеалиштата.
– Птиците се чувствителен биолошки индикатор. Нивната бројност и нивното присуство ни даваат рана слика за промените во екосистемите – објаснува Узунова.
Особена загриженост предизвикува намалувањето или стагнацијата кај дел од автохтоните и чувствителни видови. Овие птици директно зависат од квалитетот на живеалиштата, мирните зони и од стабилниот воден режим, што ги прави најранливи на деградација на просторот.
Според МЕД, овие наоди се во согласност со долгогодишните предупредувања дека екосистемот на Охридското Езеро е под постојан притисок.
Иако во извештаите не се наведуваат конкретни виновници, резултатите од цензусот се поклопуваат со заклучоците од други релевантни анализи, вклучително и оние на УНЕСКО. Интензивната урбанизација на крајбрежјето, уништувањето на појасите со трска и фрагментацијата на живеалиштата се наведуваат како клучни проблеми.
Дополнителен фактор е вознемирувањето од туристичките активности и од пловните објекти, особено во зимскиот период, кога имаат птиците зголемена потреба од мир и безбедни зони.
Иако деталната анализа на причините допрва ќе следува, пораката од податоците е недвосмислена: Охридското Езеро и натаму останува ранлив екосистем. Отсуството на доследни и ефективни мерки, како ограничување на урбанизацијата и заштита на крајбрежните појаси, го зголемува ризикот сегашните флуктуации да прераснат во траен пад.
Како што посочуваат од Македонското еколошко друштво, податоците се достапни, но клучно прашање останува дали ќе бидат искористени тие за навремено дејствување или повторно ќе бидат игнорирани.
Во текот на зимското пребројување на птиците на трите природни езера во Македонија, кое кај нас се случува секој јануари од 2010 година наваму, како дел од меѓународниот зимски цензус на водни птици, биле попишани над 35.300 единки од 44 различни вида водни птици.
Резултатите од зимскиот цензус се користат и во меѓународни рамки, како Рамсарската конвенција, африканско-евроазискиот договор за водни птици (AEWA), директивата на ЕУ за заштита на дивите птици, како и во процените за статусот на Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство.
Од МЕД нагласуваат дека станува збор за една од најобемните и најдолгорочни бази на податоци за биодиверзитетот, која има клучна улога во креирањето на политиките за заштита на природата.
– Од 1967 година до денес, со зимското пребројување се посетени над 67.000 влажни живеалишта во 189 земји и територии, почнувајќи од крајбрежните области на Северна Европа до тропските речни утоки во Азија и во Африка. На овој начин досега се евидентирани речиси 2 милијарди птици и се идентификувани илјадници водни живеалишта од меѓународно значење – информираат од МЕД.












