Стартуваше втората полусезона во Формула 1, а на првата трка која се одржа во Холандија Оскар Пјастри направи уште еден сигурен чекор на патот кон титулата, додека Ферари продолжува по старо.
Возачот на Мекларен, Оскар Пјастре, победи на трката за Големата награда на Холандија, додека неговиот тимски колега, Ландо Норис, се повлече поради технички проблеми. Ова за Пјастри е деветта победа во кариерата, а седма во тековната сезона, зголемувајќи го своето водство во генералниот пласман на девет трки до крајот на сезоната.
Австралиецот го искористи максимално проблемот што го имаше неговиот тимски колега и сега има 34 бода предност пред Норис во генералниот пласман. Второто место на Големата награда на Холандија го освои домашниот возач Макс Верстапен од Ред Бул, додека возачот на Рејсинг Бул, Исак Хаџар, го постигна својот прв подиум во Формула 1, завршувајќи на третото место. Четвртото место му припадна на возачот на Мерцедес, Џорџ Расел, возачот на Вилијамс, Александар Албон, ја помина целта на петтото место, а возачот на Хас, Оливер Берман, го освои шестото место. Бодови освоија и возачите на Астон Мартин, Ленс Строл и Фернандо Алонсо, како и Јуки Цунода од Ред Бул и Естебан Окон од Хас.
За разлика од нив, најголемо разочарување беа возачите на Ферари, Шарл Леклер и Луис Хамилтон. Седумкратниот шампион ја заврши трката по само 23 кругови, откако се заби во заштитната ограда, а подоцна во трката на истото место удри и Леклер, по контактот што го имаше со болидот на Кими Антонели.
Шампионатот продолжува следната недела со Големата награда на Италија во Монца.