Режимот на сообраќај на двете главни улици во централното градско подрачје во Кочани наскоро ќе се промени согласно со изработена сообраќајна документација.
Сообраќајот на потегот од кружниот тек кај полициската станица во Кочани, со дел од улицата „Тодосија Паунов“ и улицата „Кеј на Револуцијата“ ќе се одвива еднонасочно, во насока југ – север до мостот кај Градскиот плоштад, на улица „Љупчо Сантов“. Еднонасочна ќе биде и улицата „Маршал Тито“, на потегот од мостот кај Градскиот плоштад кон кружниот тек кај двојниот мост на улицата „Никола Карев“.
– Промената на режимот на овие улици е резултат на констатираните проблеми на стационарниот сообраќај, односно недостатокот на места за паркирање на возила во централно градско подрачје. Предлог-сообраќајниот режим беше разгледуван и надополнуван на неколку јавни расправи со претставници на локални институции и претпријатија, транспортни и такси-компании, стручни лица, граѓански организации, претставници од ПО за БПС Кочани и ОСБСП, ТППЕ и ДПД, Итната медицинска помош, урбани и месни заедници, советници, поединци и групи граѓани – соопштија од Општина Кочани.
Оттаму додаваат дека избраниот економски оператор изготвил и доставил основен сообраќаен проект и стручна ревизија, по што СВР – Штип дала согласност, а Општина Кочани издала решение за утврдување на режим на сообраќај за динамичен и стационарен сообраќај во централно градско подрачје на градот.
– Општина Кочани и Подрачното одделение за безбедност во сообраќајот на патиштата – Кочани заеднички работеа на решенијата за надминување на актуелните проблеми во сообраќајот во централното градско подрачје, а промената ќе се реализира наскоро во координација со ПО за БПС Кочани – известуваат од локалната самоуправа.












