Во сообраќајна несреќа кај селото Облешево во општина Чешиново-Облешево патничко возило „мерцедес“ со кочански регистарски ознаки управувано од Т.Н.(44) од селото Уларци, излетало надвор од коловозот. Од здобиените повреди на местото на настанот починал возачот. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт. Извршен е увид од Јавен обвинител и увидна екипа од ОВР Кочани.
Од Министерството за внатрешни работи (МВР) информираат дека во СВР Штип несреќата е пријавена денеска во 9.43 часот.
Тешка сообраќајна несреќа се случила и синоќа 10 минути по полноќ на локалниот пат село Горно Чичево кон Долно Чичево во општина Градско. Во несреќата починал 21-годишен жител на Градско, а тројца се здобиле со тешки телесни повреди.
Од Секторот за внатрешни работи во Велес информираа дека возилото „Бе-ем-ве“ управувано од П.А.(22) излетало од патот при што со тешки телесни повреди се здобиле возачот и неговите сопатници Љ.О.(21), Б.П.(20), двајцата од Градско и Х.Л.(22) од с.Ногаевци.
Од здобиените повреди починал Љ.О. а останатите повредени се пренесени во Општата болница во Велес. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено за обдукција и извршен е увид од СВР Велес.