Две силни експлозии го потресоа центарот на Кабул, објавија новинарите на „АФП“.
Првата експлозија се случила околу 21:50 часот по локално време (19:20 часот по средноевропско време) и се слушнала низ целиот авганистански главен град, по што неколку секунди подоцна следела втора експлозија, пренесе „Бета“.
„Инцидентот се истражува, но досега не се пријавени жртви и сè е во ред“, изјави владиниот портпарол Забихулах Муџахид на платформата „Икс“, додавајќи дека повеќе информации ќе бидат дадени подоцна.
Неколку корисници на социјалните медиуми објавија дека слушнале експлозии и „забележале дронови“.
Десетици безбедносни сили беа на улиците на главниот град, пребарувајќи автомобили, објави новинар на „АФП“.
Телефонските мрежи беа исто така прекинати во неколку населби.
Порано денес, министерот за надворешни работи на Авганистан пристигна во Индија на дводневна посета на земјата во нова фаза од напорите на владата на Талибанците да добијат меѓународно признание. Досега, само Москва ги признава.