
Ако ја добие војната Русија, милиони Украинци, или околу 6 до 11 милиони, би можеле да избегаат во Европа, генерирајќи 524 до 952 милијарди евра трошоци за бегалци во текот на четири години. Проценетите трошоци што Европа би морала да ги претрпи за да ја олесни победата на Украина, вклучувајќи воена помош, индустриска поддршка и намалување на бегалците, вкупно изнесуваат 522 до 838 милијарди евра во текот на четири години. Конфискацијата на замрзнатите руски средства би можела дополнително да ги преполови тие трошоци, предвидува сценариото според кое би победила Украина
Победата на Русија во војната против Украина би ја чинела Европа двојно повеќе отколку победата на Украина, покажа нова студија на компанијата „Кориск“ и Норвешкиот институт за меѓународни односи.
Студијата дава две воени и економски сценарија за исходот на војната. Според првото, руските воени сили продолжуваат да напредуваат и да навлегуваат на запад кон реката Днепар. Како резултат на нивните воени победи, Кремљ би ја принудил Украина да прифати решение под услови поволни за Москва, објавува „Киев индепендент“. Авторите на студијата проценуваат дека таков исход би претставувал делумна победа за Русија, давајќи му на Кремљ влијание врз политичката и врз економската ориентација на Украина, вклучително и врз членството во ЕУ и НАТО. Студијата предупредува дека Украина би можела да изгуби половина од својата територија, да се соочи со долгорочна политичка дестабилизација и да ризикува пад на демократијата или дури и колапс на државата. Милиони Украинци, околу 6 до 11 милиони, би можеле да избегаат во Европа, генерирајќи 524 до 952 милијарди евра трошоци за бегалци во текот на четири години. Според тоа, сценариото за дополнителните трошоци за одбрана за зајакнување на источниот крило на НАТО би ги зголемиле вкупните трошоци на Европа на 1,2 до 1,6 трилиони евра. По постигнувањето договор за Украина, Русија би можела да ги пренасочи воените ресурси кон Молдавија, балтичките држави или кон Нордискиот Регион, стои во извештајот. Европските влади би требало брзо да ја изградат својата одбрана и одвраќањето во Балтикот и Арктикот, додека се справуваат со растечките политички тензии околу миграцијата и домашната поларизација.
Според второто сценарио кое предвидува победа на Украина, трошоците за Европа би биле значително пониски. Со соодветно ниво на поддршка, Украина би можела да ја врати супериорната борбена моќ, слична како во времето на нејзините успешни контраофанзиви во 2022 година, и да почне да ја враќа окупираната територија. Со тоа, Русија би била принудена на мировни преговори што ги штитат виталните интереси на Киев. За да се олесни победата, на Украина ќе ѝ треба брз прилив на воена опрема.
– Ова би вклучувало 1.500 – 2.500 борбени тенкови и 2.000 –3.000 артилериски системи во текот на една или на две години… На Украина ќе ѝ бидат потребни и до 8 милиони беспилотни летала од сите видови, воздушна одбрана и стратешки ракетни системи, стои во студијата и се додава дека ако ѝ се испорача сето тоа, би можела да го запре руското напредување, да ги врати стратешки важните области и како и условите за политичка нормализација и економско закрепнување.
Делумна победа за Украина, исто така, би ја забрзала интеграцијата во ЕУ, би го охрабрила враќањето на бегалците и би ги намалила премиите за ризик на земјата за инвеститорите. Проценетите трошоци што Европа би морала да ги претрпи за да го олесни таквиот исход, вклучувајќи воена помош, индустриска поддршка и намалување на бегалците, вкупно изнесуваат 522 до 838 милијарди евра во текот на четири години, приближно половина од цената на руската победа. Конфискацијата на замрзнатите руски средства би можела дополнително да ги намали европските трошоци до 50 проценти.











