среда, февруари 4, 2026
Дома СКОПСКА Две општини ќе инвестираат во канализацијата во Кучевишка Бара и Бел Камен

Две општини ќе инвестираат во канализацијата во Кучевишка Бара и Бел Камен

15

Градоначалниците на општините Бутел и на Чучер-Сандево, Дарко Костовски и Зоран Бајовски, со заеднички проект ќе го решаваат проблемот со канализација во Кучевишка Бара и Бел Камен.

Населбите се една до друга, но припаѓаат на две различни општини и со децении градоначалниците ветуваат дека ќе им изградат фекална канализација, но досега ниту еден не го реализираше ветувањето.

Градоначалникот на Чучер-Сандево, на социјалните мрежи се пофали дека првпат двете соседни општини пристапуваат заеднички и координирано за решавање на овој долгорочен проблем, со јасни рокови и распределба на обврски и оти е формирана оперативната работна група за решавање на заедничките проблеми на жителите од Чучер Сандево и Бутел.

– Главна задача на групата е финализирање и доработка на основниот проект за фекална канализација, со цел проектот да ги опфати сите улици кои досега беа изоставени. Со зголемување на опфатот ќе бидат вклучени и улиците како Бутелска 27, 29, 31, 33 и 35, како и други критични точки кои бараат итна интервенција – Бајовски.

Тој објасни дека во работнта група се вклучени експерти, технички служби и претставници на граѓаните за да се обезбеди транспарентен процес и квалитетна техничка документација.

-Нашата цел е да обезбедиме трајно и одржливо решение за управување со отпадните води, што ќе го подобри здравјето и квалитетот на живот во двете општини –  вели Бајовски.

Граддоначалникот на Општина Бутел, Костовски пак нагласи дека ова е прв пат двете општини заеднички да пристапат кон решавање на овој проблем.

-Со зголемување на опфатот и изработка на основниот проект ќе бидат опфатени и сите улици кои во минатиот период беа изоставени. Ова значи конечно решавање на еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат жителите на овие две населени места – заклучи Костовски.

Револтирани што на терен нема никакви активности и оти градоначалникот Бајовски фекалната канализација во Бел Камен не ја ставил на листата со приоритети, како што им вети пред изборите, претставници на жителите од двете населби пред два месеца го потсетија на ветувањето и му кажаа дека доколку не почне да работи за решавање на нивниот проблем, подготвени се да протестираат.

ИЗДВОЕНИ