Две одбројувања и забава до зори: Овој европски град знае како да ја прослави Нова Година!

36

Ако сакате забава што не запира на полноќ, туку трае до зори, еден европски главен град нуди сосема поинакво искуство. Две одбројувања, улични забави, клубови и традиции стари повеќе од еден век го прават најдоброто место за влез во 2026 година, тврди Time Out.

Ако сè уште не сте одлучиле каде ќе ја прославите Нова Година, крајно време е да направите план.

За нешто повеќе од две недели, ќе влеземе во 2026 година, а вашиот избор на дестинација може да направи разлика помеѓу незаборавна ноќ и дочек што ќе сакате да го заборавите што е можно поскоро.

Нова Година е еден од ретките празници што се слави низ целиот свет, од спектакуларни огномети во големите градови до улични забави во најмалите градови.

Сепак, не сите забави се исти, и секој од нас доживеал забава што не оправдала мамурлак на 1 јануари.

Патеписката Дана Камилери Кларк, го помина 31 декември во десетина европски градови. Нејзина препорака за најдобра забава во Европа е Мадрид.
Шпанската престолнина ги сфаќа своите прослави многу сериозно, а новогодишната ноќ не е исклучок.

Полноќ, како што вели Кларк, е само „загревање“ за забавата што трае до раните утрински часови. Посебен куриозитет е второто одбројување во еден часот по полноќ, кога Канарските Острови „се приклучуваат“ на остатокот од Шпанија, што дава можност за уште една мини-прослава.

Главното место за собирање е познатиот плоштад Пуерта дел Сол, но речиси сите ресторани, барови и клубови низ градот организираат свои новогодишни забави, така што нема недостаток на избор.

Сепак, дочекот во Мадрид не е само забава.

Постојат и традиции што гостите со задоволство ги прифаќаат. Најпознат е „las doce uvas de la suerte“ – обичај стар повеќе од сто години, според кој на полноќ се јадат 12 зрна грозје, по едно за секое отчукување на часовникот, за среќа во претстојната година. Не е лесно да се следи темпото, но тука лежи забавата.

Советот на искусните патници е да купуваат грозје на време, бидејќи во пресрет на Новата година, продавниците брзо се празнат.

На листата на најдобри дестинации за дочек на 2026 година, Берлин беше веднаш зад Мадрид, додека Милано го освои третото место, со малку помирна атмосфера и помалку клупска музика, но со свој посебен шарм, објави timeout.com

ИЗДВОЕНИ