Две кошници, едно прашање – со колку навистина може да се живее?

Од 1 јануари ќе имаме две кошници, една просечна потрошувачка кошница што ќе ја пресметува Владата и една минимална потрошувачка кошница што ќе ја пресметува Сојузот на синдикатите на Македонија. Од Сојузот на синдикатите на Македонија и од Организацијата на работодавачи велат дека е добра методологијата, но треба да се види колкав ќе биде износот на новата кошница и што ќе има во неа. Од Владата велат дека во кошницата се земени цените од најголемите супермаркети, цените на основните прехранбени производи, цените од различни региони од земјата и цените на овошјето и на зеленчукот карактеристични за дадениот период од годината. Најавуваат и поголемо зголемување на минималецот, кое ќе биде пред 31 март, ако се договорат синдикатите и работодавците за тоа

484

Од Владата најавија дека до Нова година ќе стигне и новата просечната потрошувачка кошница. Така, од 1 јануари ќе имаме две кошници, една владина и една на синдикатите, кои ја пресметуваат минималната синдикална кошница. Од Владата велат дека иако е пресметката за четиричлено семејство, ќе има пресметка на просечната потрошувачка кошница за двочлено и за тричлено семејство, за пензионерите, кошничка на ниво на целата држава, при што би биле земени предвид повеќе параметри. Од Сојузот на синдикатите на Македонија и од Организацијата на работодавачи велат дека се запознаени со новата методологија за пресметка на владината кошница, но велат дека треба да се види колку ќе изнесува и какво ќе биде нејзиното спроведување во практиката. Од ССМ апелираат: при креирањето на кошницата да се внимава на минималните нутритивни калории што му требаат на еден работник во текот на денот.

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, вели дека во кошницата се земени цените од најголемите супермаркети, цените на основните прехранбени производи, цените од различни региони од земјата и цените на овошјето и на зеленчукот карактеристични за дадениот период од годината.

– За пресметувањето на просечната потрошувачка кошница, која им беше дадена на увид на синдикатите и на работодавците, ќе се разговара на Економско-социјалниот совет. Така, од 1 јануари, покрај синдикалната минимална кошница, ќе имаме и просечна потрошувачка кошница на ниво на државата, која ќе ни користи нам, како економија и како Влада, при понатамошните стратегии во економските политики и, секако, за зачувување на животниот стандард – вели Ристески.

Од Организацијата на работодавачи велат дека е добра методологијата, но треба да се види колкав ќе биде износот на новата кошница и што ќе има во неа.

– До нас беше доставена методологијата по која ќе се пресметува новата потрошувачка кошница. Методологијата е добра, но треба да се види како практично ќе се применува, колкав ќе биде нејзиниот износ и дали ќе има забелешки. Што се однесува на минималната плата, која ќе биде на дневен ред на седницата на ЕСС, ние остануваме на ставот дека не треба да се зголеми паушално, туку врз основа на економските критериуми, продуктивноста, просечната плата, БДП… – вели за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од ОРМ.

Од Сојузот на синдикатите на Македонија велат за весникот ВЕЧЕР дека кошницата треба да покаже со колку не се живее во месецот, а не колку е потребно за да преживее. Оттаму апелираат до Владата: при креирањето на кошницата да се внимава на минималните нутритивни калории, бидејќи не може еден градежен работник, кој работи тешка физичка работа, во денот да помине со еден колбас и со едно јајце.

– Кошницата што ја прави ССМ ја подготвуваа економски експерти. Секој месец, економски експерти ја следат методологијата како се пресметува месечната минимална потрошувачка кошница, а четири лица ги проверуваат цените во маркетите – велат од ССМ.

Од Синдикатот сè уште се оптимисти и сметаат дека има простор за поголемо зголемување на минималната плата од законски утврденото до 2.000 денари во март 2026 година.

Од Владата велат дека е можно да има и поголемо зголемување на минималецот, кое ќе биде пред 31 март, ако се договорат синдикатите и работодавците за тоа.

(А. С.)

ИЗДВОЕНИ