СИЉАНОВСКА-ДАВКОВА ГО УГОСТИ АЛБАНСКИОТ КОЛЕГА, БЕГАЈ
Членството во Европската Унија претставува најголема инвестиција во стабилноста на Западен Балкан и заедничка стратешка цел на регионот, порачаа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и албанскиот претседател, Бајрам Бегај, на заедничката прес-конференција во Скопје. Тие оценија дека Македонија и Албанија имаат одлични билатерални односи без отворени прашања, што создава силна основа за продлабочување на соработката. Во фокусот на разговорите биле европската интеграција, реформските процеси и регионалната стабилност. Двајцата претседатели порачаа дека европската перспектива не е само национална амбиција, туку заеднички проект на целиот регион. Сиљановска-Давкова нагласи дека напредокот кон ЕУ зависи од владеењето на правото, борбата против корупцијата и јакнењето на демократските институции. Осврнувајќи се на уставните измени, таа истакна дека тие би биле прифатливи доколку се темелат на Копенхашките критериуми и обезбедат вистински гаранции.
Идентитетските прашања го комплицираат процесот
Претседателката изјави дека билатерализацијата на евроинтеграцијата не смее да стане правило и дека земјите членки на ЕУ треба навремено да ја превенираат и предупреди дека вклучувањето идентитетски и историски прашања во европската агенда само го комплицира процесот и го забавува напредокот на земјите кои природно и културно припаѓаат кон ЕУ.
– Многупати сум чула за моменти што треба да се искористат и моментот сега е врзан со влезот на Украина и Молдавија во ЕУ. Не би имала ништо против уставни измени доколку навистина се работи за одредби врз Копенхашките критериуми или, ако сакате, во овој случај, за надминување на дискриминација или за гарантирање малцински права, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Неопходни гаранции
Во однос на изјавата на известувачот за Македонија во ЕП, Томас Вајц, дека земјава треба да го искористи моментот и да изгласа уставни измени за почеток на преговорите со ЕУ, претседателката повтори дека сме рекордери по уставни измени и го нагласи јасниот став за потреба од гаранции. Таа истакна дека македонскиот Устав влегува во категоријата устави со силни гаранции на малцинските права, што не е случај со многу други устави, како и оние на земји членки на ЕУ.
– Да, го чув господинот Вајц, но јас исто така имам меморија. Многупати сум чула за вакви моменти што треба да се искористат. Навистина и сега моментот постои бидејќи е врзан и за членството на Украина и на Молдавија. Се разбира, јас во системот на поделба на власта не се осудувам да давам совети дали и кога треба да се усвојат уставните измени. Јасен е Уставот дека пратениците ги претставуваат граѓаните и гласаат по сопствено уверување. Освен тоа, ќе го повторам и она што повеќепати сум го кажала, ние сме рекордери во уставни измени. Исто така, и овој пат се бара уставна измена. Нашиот став е за неопходноста, за нужноста од гаранции и дека нема повторно да се појави нов, многу погоден момент, и уште едно барање за уставни измени. Не би имала ништо против уставни измени доколку навистина се работи за одредби врз Копенхашките критериуми или, ако сакате, во овој случај, за надминување на дискриминација или за гарантирање малцински права, изјави македонската претседателка.
Во однос на најавите за членство во ЕУ без право на глас, Сиљановска-Давкова рече дека според актите на ЕУ, членките имаат ист статус, имаат право на вето, важни одлуки се носат со консензус и дека со исполнетото досега, земјава заслужува да влезе во групата на држави под сегашните услови и евентуално за некакви модалитети.
Одлични билатерални односи
За билатералната соработка со Албанија, Сиљановска-Давкова рече дека кога нема отворени прашања, има основа за соработка во сите области.
– И покрај напредокот, постои простор за зголемување на трговската размена и на инвестициите. Постојат неискористени потенцијали меѓу бизнис-заедниците кои треба да се валоризираат, како и потреба од поголема инфраструктурна поврзаност, изјави таа.
Албанскиот претседател, Бајрам Бегај, оцени дека односите меѓу двете земји се пример за регионална соработка и доверба меѓу соседни држави и НАТО-сојузници.
– Нашите односи се многу добри и пријателски, а заедничката посветеност е насочена кон унапредување на билатералната, регионалната и меѓународната соработка. Постојат значајни можности за дополнително продлабочување на економската соработка, особено во туризмот, транспортот и трговијата, изјави Бегај.
Тој додаде дека Албанците во Македонија и Македонците во Албанија претставуваат силен мост на пријателство меѓу двете земји, нагласувајќи ја важноста од почитување на мултиетничноста, рамноправноста и целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор.
Жителите на Пустец да се изјаснат за мигрантските кампови
Прашан од македонските новинари за најавената изградба на камп за мигранти во Пустец, каде што живее македонското малцинство, албанскиот претседател рече дека не треба да се сомневаме дека Македонија и Албанија имаат добри односи како соседи и како сојузници во НАТО и преку евроинтеграцијата. Според него, тоа што таму ќе се гради камп за мигранти не значи и дека ќе бидат сместувани. Бегај рече дека изградбата е дел од договорот со ФРОНТЕКС за обезбедување на капацитети при евентуален мигрантски наплив, но дека Албанија прави сѐ да спречи доаѓање на илегални мигранти во земјата.
– Ние ги третираме малцинствата со посебен закон и сите права што им следуваат се заштитени со него, рече Бегај.
Македонската претседателка, пак, му порача на албанскиот колега дека за ова, албанските власти треба да ги прашаат и жителите на Пустец, а за исходот да ја информираат и македонската влада.
Високи државни почести
Претседателката Сиљановска-Давкова во вила „Водно“ го пречека својот албански колега со највисоки државни и воени почести. По пречекот тие имаа тет-а-тет средба, а потоа и пленарен состанок на македонската и албанската делегација, по што следуваше и заедничката прес-конференција.
Беше најавено дека за време на посетата, Бегај ќе положи венец на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје. На агендата на Бегај беше и средба со претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и обраќање пред пратениците.
Албанскиот претседател денеска се сретна и со премиерот Мицкоски. Мицкоски објави дека разговарале за билатералните односи, регионалната соработка и за заедничките евроинтеграции.
– Денеска остварив средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај. На средбата разговаравме за зајакнување на билатералните односи, за унапредување на регионалната соработка и за заедничките евроинтеграциски процеси. Ја истакнавме важноста од одржување на стабилноста и продлабочување на партнерството меѓу двете земји во интерес на нашите граѓани, напиша Мицкоски на социјалните мрежи.
Бегај ги започна средбите во Македонија со градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој вчера го пречека Бегај со свечен прием и со братска прегратка.
– Добре дојде во Чаир, брате, претседателе на Албанија, Бајрам Бегај, напиша Меџити на социјалните мрежи, каде што објави фотографии од пречекот на Бегај.
По средбата, градоначалникот на Чаир и претседателот на Албанија ги посетија Мустафа-пашината џамија и Старата чаршија, каде што положија цвеќе на споменикот на националниот херој, Ѓeрѓ Кастриот-Скендербег, проследено со изведба на националната химна и културно-уметничка програма од Државниот ансамбл.
Како што најави тетовскиот градоначалник, Билал Касами, преку социјалните мрежи, на агендата на албанскиот претседател утре е и посета на Тетово. (В. С. Н.)












