„И понатаму две институции од областа на културата немаат плата за мај. Причината лежи во тоа што Министерството за култура одбива да ги почитува одлуките на управните одбори на овие институции и бара да се исплатат платите спротивно на колективните договори и важечката законска регулатива. Имено, од Министерството за култура телефонски се даваат инструкции за пресметка на платите, спротивно на одлуките на управните одбори, со образложение дека тоа било наложено од Министерството за финансии.
– Како и досега, сето тоа се прави без писмена потврда, оставајќи ги директорите под ризик да бидат обвинети за непочитување на законските одредби – остро реагираат од Синдикатот на културата на Република Македонија.
Оттаму посочуваат дека со тоа, покрај кршењето на правото на плата, се загрозува и правото на здравствено осигурување по 30 јуни.
– Бараме од Министерството за култура веднаш да ги исплати платите согласно со одлуките на управните одбори, а доколку повторно се повика на Министерството за финансии како кочничар на исплатата на платите согласно со закон, бараме јавно да ги објави одредбите со кои ќе бидат поткрепени овие тврдења дека исклучиво Министерството за финансии е одговорно за кратењето на правото на плата на вработените во културата – додаваат од Синдикатот.
Ова не е првпат да реагира Синдикатот за исплата на платите. Во април, синдикалците излегоа на протести токму затоа што во иста ситуација беа повеќе институции од културата.