Очекувана беше условната казна за онкологот Мери Пешевска, обвинета во случајот „Онкологија“ за несоодветното лекување на пациентите, со оглед на нејзиното каење и објаснување дека ништо од она што ѝ се става на товар не го сторила со намера, туку од небрежност. Судијката Снежана Марковска верува дека и со ваква мерка, односно со самата закана од затвор, може да се очекува дека ќе ги оствари целите на казнувањето.
– „Судот на обвинетата ѝ изрекува алтернативна мерка условна осуда. Две години казна затвор која нема да се изврши ако во следните пет години не стори ново кривично дело”, рече судијката.
Пресудата од две години, условна казна, судот ја изрече откако обвинетата лекарка на првото судење ја призна вината. Таа е второобвинета во предметот „Онкологија“, каде првообвинет е нејзиниот колега Никола Васев, во времето кога беше директор на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија. Пешевска е вработена како лекарка на Клиниката за онкологија од 2002 година и сè уште е таму. Во случајот со прекумерно дозирање на терапиите на пациенти болни од рак, обвинети се уште двајца онколози, кои заедно со Васев се изјаснија дека се чувствуваат невини и на нив им се суди во друга постапка.
Во пресудата, судијката ги имаше предвид и олеснителните и отежнувачките околности, односно Пешевска изразила каење за делото, а во својот завршен збор кажала дека тоа го сторила од небрежност. Печатот го оставала на шалтерот во амбуланта сè со цел пациентите да не чекаат за својата терапија и не можела ни да претпостави дека некои колеги ќе го злоупотребат.
– Јас од небрежност и невнимание сум ги оставила на шалтер својот факсимил, корисничко име и лозинка. Сум имале доверба и не сум се посомневала во нечесни намери. Но сега печатот е со мене в џеб во мантилот, системот го гасам и компјутерот не го оставам ниту секунда, изјави Пешевска на минатото судење, која е обвинета за несовесно лекување на седум пациенти.
Судењето против Васев и двајцата онколози продолжува со сведоци на Обвинителството. На минатото рочиште, во потресното сведочење, мајката на почината пациентка, Адријана Начевска, откри ужасни детали од моментите на болка што ги доживувала ќерката по секоја имунолошка терапија на која инсистирал лекарот Васев во кој ја имале целата верба. (П. А.)