Директорката на Гимназијата во Демир Хисар, Маја Лозановска се врати на работа по завршување на боледувањето. Во училиштето дојде заедно со нејзиниот адвокат Жаре Стевановски откако претходно беа во полициска станица и поднесоа кривична пријава за обивање на директорската канцеларија за време на викендот, кога началникот го бараше училишниот печат ден пред да се распишат изборите за да може да се постави в.д директорката назначена од градоначалникот. Бранителот Стевановски и се обрати на назначената вршителка на должност дека не требало да се прави скандал од примопредавањето на функцијата, можеле да ја почекаат Лозановска да се врати од боледување и оти решението за назначување без печат не е легално, како што не била ниту постапката за претрес во канцеларијата, смета Стевановски.
Во меѓувреме полицијата отиде да направи увид во училиштето по пријавата за провала од Лозановска и нејзиниот бранител. Полицајците што беа присутни на терен, ги легитимирале новинарските екипи иако им покажале прес картички.
Претходно пак, се одложи информативниот разговор на директорката во полициската станица, бидејќи на нејзе и на нејзиниот адвокатот Стевановски им било кажано дека никој не ги повикал на разговор, иако велат дека тоа по телефон го сторил началникот. Им презакажале за утре.
-Застрашувачки за мене како адвокат е тоа што ни доставија покана, покрај овој разговор за повторно в среда да се јавиме на информативн разговор во полциската станица, поканата ја примивме иако и телефонското повикување на информативен разговор е официјална покана за изјава кое го стори началникот на 08.08.2025 и телефонски не покани на информативен разговор. Еден час траеше дебатата околу тоа дали треба да има разговор, побаравме да поднесеме и пријава, бидејки од началникот на ОВР Демир Хисар бевме информирани на денот на претресот дека било обиено во училиштето од страна на новата директорка, комисиски. Извадивме и тековна состојба од централниот регистар кој претставува лична карта на училиштето во неа се уште овластено лице е Маја Лозановска, па со оглед на тоа сега пријавивме и кривично дело самовластие до МВР од каде побаравме нивно присуство да дојдат во училиштето во службените простории со цел да видат дали постапиле соодветно по наредбата која беше издадена, која тие ја бараа за претрес со цел да видат каде се печатите, рече адвокатот на Лозановска.
На 8 август вечерта, полицијата направи претрес во домот на Лозановска барајќи го печатот од училиштето. Таа тогаш била на боледување, а полицискиот началник рече дека и на носилки ќе ја однесе на информативен разговор иако имаше налог за претрес, а не и за нејзино приведување. Од МВР покренаа дисциплинска постапка против началникот и го разрешија, а за случајот соопштија дека против директорката имало пријава и постоеле основи на сомневање за кривично дело Одземање печат и службени документи. Неколку дена пред тоа, градоначалникот ја разрешил Лозановска, како што соопшти по решение на Просветниот инспекторат поради неправилности во работењето. Но, адвокатот Стеваноски се сомнева дека целта била да се назначи новата в. д. директорка која ќе ги оствари трите вработувања пред распишување на локалните избори на 9 август. Без печатот што го бараше полицијата на три места,во училиштето, дома и во автомобилот на Лозановска, не може да се направи директорска смена во Централниот регистер, потенцира бранителот и нагласува дека се прави незаконски обиди да се тргне Лозановска од функцијата. (П.А.)