Градоначалничката на Мексико Сити, Клара Бругада Молина, објави дека 12 лица се повредени во силен земјотрес што беше регистриран денес во градот.
Бругада Молина изјави дека е пријавено дека во мексиканскиот главен град паднале пет столбови за електрична енергија и четири дрвја.
„Има 18 пријави за прекини на електричната енергија во различни населби. Две структури се проценуваат за ризик од уривање, а како превентивна мерка се проверуваат 34 згради и пет куќи“, рече Бругада Молина.
Националната сеизмолошка служба на Мексико соопшти дека е регистриран земјотрес со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала, со епицентар во јужната држава Гереро, на брегот на Пацификот.
Земјотресот бил почувствуван во мексиканските држави Морелос, Халиско, Оахака, Табаско и Колима, пренесува „Танјуг“.












