Дванаесетгодишниот Максим, дел од подмладокот на тимот на „Бахус класик“ освои прво место во својата класа („микро автомобили“) на престижниот „Меѓународен олдтајмер настан“ што се одржа во Швецинген, Германија.
Максим е најмладиот учесник на овој настан, а успехот го постигна со возилото МОПИ, произведено од САП „Каросерија Љубљана“ во 1947 година. Во моментов, во цела Европа има само две реставрирани вакви возила.
Возилото е произведено при крајот на 40-тите и почетокот на 50-тите години во поранешна Југославија во серија од 30 примероци во соработка со „Томос“, како пионерски возила за младинци на возраст од 12 до 16 години. Возилото е со зафатнина од 49 кубни сантиметри, има рачен менувач со три брзини и максимална брзина од 30 километри на час.
– Максим, како најмлад учесник во историјата на овој настан со само 12 години, го освои првото место во својата класа („микро автомобили“) и со тоа стана првиот Македонец во историјата на нашата држава кој успеал да стигне до подиум на ваков престижен настан – велат од тимот на „Бахус класик“.
Тимот на „Бахус класик“ веќе втора година учествува на овој настан на олдтајмери кој традиционално се одржува во барокниот дворец во Швенцинген.
Традиционално, и годинава тимот на „Бахус класик“ покрај олдајмерите, ги презентираше и македонските вина и убавините на Македонија.
Во пресрет на „Бахус класик релито“ што ќе се вози во Македонија при крајот на септември, беше организирано и извлекување со кое еден учесник доби бесплатно учество на релито. Станува збор за Жан Хансен од Луксембург со возилото „лагонда 2Л бловер“ од 1931 година.
На настанот во Швецинген, што се одржа изминатиот викенд, учествуваа 180 специјално избрани луксузни олдтајмери од целиот свет кои беа оценети од меѓународно 25-члено жири.