Двајца вработени во Амбасадата на Израел во Вашингтон се убиени рано утринава, по средноевропско време, пред Еврејскиот музеј во центарот на Вашингтон, соопштија официјални лица. Осомничениот, кој најпрвин, како што е соопштено, се преправал дека е само очевидец, бил приведен, пренесе Си-Ен-Ен.
Осомничениот е во притвор откако двајца вработени во израелската амбасада беа убиени во пукање во близина на Еврејскиот музеј во главниот град, соопшти полицијата. Мажот и жената кои беа убиени во средата вечерта беа „млад пар кој наскоро требаше да се вери“, пишува CNN, повикувајќи се на зборовите на израелскиот амбасадор во САД.
Осомничениот, идентификуван како 30-годишен маж од Чикаго, додека бил во притвор извикувал „Слобода, слобода за Палестина“, соопшти полицијата.
Очевидец изјави за Си-Ен-Ен дека осомничениот „се преправал дека е сведок“ и чекал да пристигне полицијата повеќе од 10 минути пред да каже дека „тоа го направил поради Газа“.
Претседателот Доналд Трамп изрази сочувство до семејствата на двете жртви, наведувајќи на мрежата Truth Social дека антисемитизмот, „омразата и радикализмот немаат место во САД“.