Грипот оваа сезона дојде порано, барем така може да се заклучи од последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), според кој, двајца починале од инфекција која асоцира на заболување од грип. Регистрирани се вкупно 188 случаи на грип или заболувања слични на него, што претставува зголемување од 77 проценти во споредба со истиот период минатата година и 36 проценти повеќе од просекот на последните 14 сезони. Најмногу заболени има во Гостивар, каде што досега се пријавени 79 случаи. Според возраста, грипот доминира кај оние од 15 до 64 години или кај активното население, оние што одат на работа, во училиште, се возат со јавен превоз, присуствуваат на семејни веселби или на викенд излегувања во затворен простор.
Наглото паѓање на утринската и на вечерната температура и големата разлика со дневната доведе до зголемување на настинките и на вирусите. Па така, според неделниот извештај на ИЈЗ, од лекарските прегледи во периодот од 13 до 19 октомври, регистрирани биле вкупно 83 случаи на заболени од грип. Споредено со истиот период од минатата сезона, бројот на заболени од грип се зголемил за дури 66%, а во однос на последните 15 години, зголемувањето е приближно и е од 55,5%. Најмногу заболени луѓе има во Западна Македонија, во Гостивар се регистрирани 30 случаи, а во Тетово 12. Иако бројот на новозаразени кој изнесува 4,5 заболени на 100.000 жители значи дека формално сезоната на грип не е прогласена, сепак порастот на амбулантни прегледи е јасен сигнал дека вирусот почнува активно да циркулира.
Епидемиолозите од ИЈЗ апелираат да се избегнува контакт со болни, често да се мијат рацете и просторијата често да се проветрува. Во период на температурна разлики да се облекуваат повеќе слоеви алишта, да се пие чај, супа и цедени сокови. Понатаму, да се јаде храна богата со витамини и со минерали, а недостатокот да се надополнува со суплементи. Здравиот живот е препорака број еден, велат лекарите, квалитетно да се спие и да се вежба. „Сепак, дури и да сте совршено здрави и да имате силен имунитет, може да заболите од грип или заболување слично на грип“, предупредуваат тие. Во случај да се заразите, треба да лежите дома и да не одите на работа , во училиште, на семејни слави или на пазар.
– Одморајте се и земајте многу течности и лесна храна. Покријте ги носот и устата со шамиче при кашлање и кивање. Носете заштитна маска кога контактирате со своите блиски во домот, кога кашлате и кога кивате. Често и темелно мијте ги рацете со топла вода и сапун. Избегнувајте допирање на очите, носот и устата со раце. Ако имате преку 65 години или имате хронични заболувања, или доколку симптомите на болеста се влошуваат или траат повеќе дена – побарајте лекарска помош, апелираат епидемиолозите од ИЈЗ
Здравствените власти ја засилија кампањата за имунизација од сезонскиот грип, особено на повозрасното население и луѓето со хронични заболувања. Министерството за здравство за оваа сезона набави околу 80.000 дози бесплатна четиривалентна вакцина за ризичните групи – лица постари од 65 години, хронично болни, бремени жени, деца од шест месеци до пет години и здравствени работници – и овие вакцини се даваат преку центрите за јавно здравје, преку електронското пријавување на vakcinacija.mk или кај матичниот лекар. До средината на октомври веќе се вакцинирани 13.273 лица, а за граѓаните кои не спаѓаат во ризичните групи се обезбедени и дополнителни 2.400 комерцијални дози. Само во првите денови од кампањата за имунизација за вакцинирање закажале десетици илјади граѓани, што здравствените власти го толкува како пораст на свеста по искуството со пандемијата.












