EPA/Alessandro Di Marco

Тажна вест доаѓа од Торино, каде што се одржува Завршниот тениски мастерс во сезоната. Италијанските медиуми јавуваат дека двајца навивачи ги загубиле животите за време на турнирот, што ја шокираше тениската јавност во Италија, но и низ целиот свет. Според „Газета дело спорт“, станува збор за мажи на возраст од 70 и 78 години.

„На едниот навивач му се слошило рано наутро во фан-зоната, во близина на салата, а другиот колабирал на трибините за време на натпреварот помеѓу Тејлор Фриц и Лоренцо Мусети. Во двата случаја, службите за итни случаи реагирале брзо и се обиделе да ги оживеат. Тие биле итно префрлени во блиската болница, но за жал набрзо починале таму“, се вели во текстот на „Газета“.

Италијанецот Јаник Синер успешно го започна својот настап на теренот во групата Б на турнирот, откако во првото коло славеше над Канаѓанецот Феликс Оже-Алијасим со 7:5, 6:1. Ривалот прикажа одличен тенис во првиот сет, но потоа сите работи тргнаа во полза на вториот светски тенисер, кој ја заокружи мисијата за еден час и 38 минути.

Претходно, во оваа група победа извојува и Германецот Александар Зверев, кој исто така со 2:0 беше подобар од Американецот Бен Шелтон, кој ќе биде противник на Синер во второто коло.

Американскиот тенисер Тејлор Фриц го забележа својот прв триумф. Шестиот тенисер на АТП-листата го победи Лоренцо Мусети со 6:3, 6:4  Италијанецот во Торино настапува како замена за Новак Ѓоковиќ, кој се повлече откако ја освои својата 101. титула во кариерата во Атина, но не го оправда своето место меѓу најдобрите.

Претходно во групата А, Карлос Алкараз го победи Алекс де Минор. Австралијанецот ќе се соочи со Фриц во следната рунда, а Шпанецот за противник го има Мусети.

 

ИЗДВОЕНИ