
Атлетико (М) оваа сезона остана без трофеј, но следната сезона ќе се обиде да се врати на голема врата. „Јорганџиите“ завршија на третото место во шпанското првенство, а во Лигата на шампиони беа елиминирани во 1/8 финалето од лутиот градски ривал Реал (М).
Со пласманот во Ла Лига сепак успеаја да обезбедат пласман во ЛШ, што беше и првичната цел оваа сезона. Сепак, следната сезона Атлетико (М) планира да тргне по титулата во Ла Лига, а за да го постигне тоа ќе мора да го подобри играчкиот кадар.
Се ближи почетокот на летниот преоден рок, кој ќе биде многу интересен, а мадридскиот клуб ќе биде активен на трансфер пазарот. Шпанските медиуми носат вистинска „бомба“, а тоа е дека Атлетико (М) е заинтересиран за бомбардерот на калчо гигантот Интер, Лаутаро Мартинез.
Според овој извор, Лаутаро е голема желба на неговиот сонародник Диего Симеоне кој е шеф на стручниот штаб на „Ванда Метрополитано“.
Сепак, за да се случи тоа, Антоан Гризман најверојатно ќе мора да ги напушти редовите на „јорганџиите“.
Иако станува збор за многу квалитетен играч, Французинот веќе е во доцните играчки години (34) и Атлетико (М) мора да размислува за иднината.
Симеоне на тој начин би создал вистинска „машинерија“ за поход кон освојување на шпанското првенство, а врвот на нападот би изгледал многу моќно.
Во самиот врв на нападот би биле двајца Аргентинци, Лаутаро Мартинез и Хулијан Алварез, а сите знаат за какви играчи станува збор. Очигледно, Атлетико (М) сака да стави крај на четиригодишната „суша“ откако последен пат ја освои Ла Лига во сезоната 2020/2021.