Ексдиректорот на Геријатрија, Мухсин Арифи, и болничарот Блерим Амити, обвинети за поткуп од старателката на болна жена во висина од 20 илјади евра на денешното судење во Кривичниот суд изјавија дека не се чувствуваат за виновни. Првиот се гони за кривичното дело примање на поткуп, а вториот за примање награда за противзаконско влијание. Имено, поранешниот директор ја одредил сумата, а болничарот посредувал и ги примил обележаните пари од полицијата. Според обвинителниот акт, Арифи побарал имотна корист од 20.000 евра за да овозможи болнички прием на пациентка во тешка здравствена состојба. Амити, кој претходно го познавал сведокот, се понудил да посредува и ја примил паричната сума, при што бил фатен на самото место, во автомобилот на старателката од која биле барани парите.
Обвинителката Искра Хаџи Василева, во воведните зборови пред судот нагласи дека случајот е пример за длабоко вкоренета корупција во општеството.
– Пропорциите и интензитетот на корупцијата се толку многу длабоки што нѐ потсетуваат дека ја засегаат секоја сфера од нашето живеење, рече таа, додавајќи дека станува збор за директно, грубо барање мито од страна на директорот – износ кој бил предмет на преговори, а на крајот бил прифатен како минимален за да се изврши службено дејство што инаку морало да се изврши без надомест.
Обвинителката посочи дека обвинетите дејствувале од лукративни причини, со цел лично богатење, искористувајќи ја ранливоста на пациентката и нејзината потреба за итна медицинска грижа. Таа истакна дека сведокот, кој е давател на доживотна издршка на пациентката, го пријавил случајот, а доказите кои ќе бидат презентирани пред судот јасно ги документираат коруптивните дејства низ неколку настани.
Одбраната на обвинетите најави дека во текот на кривичната постапка ќе презентира докази во вид на статут, процедури и законски одредби кои произлегуваат од институцијата што ја застапувал обвинетиот Мухсин Арифи. Преку нив, како што посочија, ќе бидат отворени неколку правни прашања со цел да се докаже дека Арифи, како и Амити, не можеле, односно немале намера да извршат какво било кривично дело.
– Доказите кои ќе бидат изнесени и презентирани во понатамошниот тек од постапката, убедени сме дека ќе упатат на недоразбирање што настанало во овој т. н. кривично-правен настан, соопшти одбраната.
Мито од 100.000 евра била почетната сума што ја побарал директорот на скопска болница за Геријатрија за сместување на пациентка која била на листа на чекање за прием, а потоа прифатил износ од 20.000 евра. Жената сведок реагирала дека тоа се многу пари, на што директорот предложил до бараната сума да се дојде преку продажба на недвижниот имот – стан кој го поседувала пациентката, што не било опција, бидејќи станот бил опфатен со договор за доживотна издршка. Полицијата го фати на дело со парите в раце болничарот Амити, кој посредувал при договарање на поткупот.
– Согласно со договорот, на 8.4.2025 година жената сведок се сретнала со второосомничениот, кој влегол во нејзиното возило и во име на директорот директно примил износ од 20.000 евра, по што на самото место бил фатен од страна на полициските службеници – се наведува во обвинението. Судењето продолжува на 16 месецов, а двајцата обвинети се наоѓаат во истражниот затвор Шутка.