Обвинителството поднесе три обвиненија против 20-ина полицајци за трагедијата што се случи во кочанската дискотека „Пулс“. Меѓу нив се началници во СВР Штип и во ОВР Кочани и деветмина полицајци, кои биле во контрола кобната ноќ. За полицајците што беа први опфатени со истрагата, запрена е истрагата за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, бидејќи не е најдена поврзаност со смртните последици на 16 март. Но, деветмина од нив, кои постапувале во 2022 и 2023 година, ќе се гонат за злоупотреба на службената положба. Поднесен е обвинителен предлог и против тројца полицајци што ѝ пишувале прекршоци на неактивните фирма на сопственикот Дејан Јованов
По речиси една година од трагедијата во кочанската дискотека „Пулс“, во која загинаа 63 лица, а 223 беа повредени, Обвинителството поднесе обвиненија против вкупно 25-мина полициски службеници. Обемната истражна постапка ја водеше Специјализираното одделение за гонење кривични дела сторени од лица со полициски овластувања при ОЈО ГОКК и опфати 27-мина полициски службеници. Иако се најавуваше дека ќе заврши лани во септември, сепак, обвинителен акт беше поднесен вчера, и тоа против 13-мина полицајци што се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност. Според обвинението, во периодот од 14 до 16 март 2025 година, тие одобриле и спровеле план за акциска контрола на угостителски објекти, но без целосна проверка дали се исполнети законските прописи и безбедносните процедури.
Во рамките на контролата во „Пулс“, според Обвинителството, не биле преземени соодветни мерки за заштита на присутните, ниту било спречено користењето непријавена пиротехника, што, како што се наведува, довело до настанување на пожарот.
Покрај ова, до Судот се доставени и обвинителни предлози против уште 12-мина полициски службеници, деветмина од нив се гонат за злоупотреба на службената положба и овластување, поврзано со издавањето согласност за работа на кабарето во 2022 и 2023 година, со што, според обвинението, било овозможено прибавување противправна имотна корист, а тројца се обвинети дека при изготвувањето службени записници внеле неточни податоци, што довело до неправилно водење прекршочни постапки. За седуммина полицајци истрагата е запрена поради застареност на делото. Јавниот обвинител донел таква наредба, бидејќи било утврдено дека нивните надлежности не се во директна причинско-последична врска со пожарот. За дел од делата, според Обвинителството, била утврдена и застареност на кривичното гонење, особено кај пензионирани полицајци, за кои било констатирано дека не можат да бидат гонети за тоа што им се става на товар.
Обвинителката Ивана Алексова-Трајчева на брифингот со новинарите информираше и дека ќе треба кочанското Обвинителство, како надлежно, да ги гони полициските службеници што биле вклучени во проверките на „Пулс“ во 2012 и во 2018 година, поврзани со јавниот ред и мир и паркингот. Таа појасни дека не е запрено водењето постапка „за ниту еден полициски службеник“, туку е запрена постапката за делото за кое првично била донесена наредба за истрага, а поради сомневање за друго кривично дело, е отворена нова предистрага, која е предадена во Кочани.
Обвинителката Трајчева, која поднесе три обвиненија, посочи дека деветмина полициски службеници влегле во „Пулс“ пред да биде активирана пиротехниката, но и покрај тоа, не презеле чекори да ја спречат. На брифинг со новинарите, таа рече дека иако контролата била за проверка дали има малолетници меѓу гостите, сепак, не требало за „замижат“ за преполната дискотека, на чија бина имало пиротехника.
– Влегле внатре, било преполно. Виделе пиротехника на бината, никој не оди кон бината да се спречи пиротехниката, туку се води контрола за тоа дали има малолетници меѓу гостите – изјави Алексова-Трајчева.
Според неа, полицајците започнале со проверките речиси два и пол часа по полноќ, иако требало да се направи тоа веднаш по 00:00 часот. Прашана дали може да одговараат полицајците и за тоа што не им помогнале на гостите при излегувањето, обвинителката одговори дека не може да се стави таквото однесување како кривично дело.
– Непомагањето не може да го ставите како кривично дело, тоа е човечки, обвинението е до настанувањето на пожарот – рече таа.
Во однос на прашањето дали била заклучена вратата за излез, Алексова-Трајчева посочи дека вратата за која се зборува како „заклучена“ не е излезната врата од дискотеката, туку врата до службените простории и, како што рече, „нема никаква врска со делот официјален за влез-излез“. Со поднесените обвиненија, Обвинителството оценува дека дел од полициските службеници можеле да спречат ризик, кој бил видлив уште пред активирањето на пиротехниката, но не презеле мерки, што, според обвинението, придонело за трагичниот исход во „Пулс“.
За сите обвинети, мерките за обезбедување присуство во постапката остануваат на сила.












