Денес во Париз се одржаа два митинзи, едниот за слободен Иран и против Исламската Република, а другиот против нападите на САД и Израел врз Иран, објавија француските медиуми, пренесе „Бета“.
Неколку илјади луѓе се собраа во Париз на првиот митинг против Исламската Република, по смртта на врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, кој беше убиен во воздушните напади на САД и Израел започнати во саботата.
„Ова е почеток на крајот, но не треба да бидеме толку среќни, режимот треба да падне сега“, рече еден демонстрант на митингот одржан на плоштадот Бастилја.
На митингот се вееја знамињата на иранската монархија со лавот и сонцето, како и знамињата на Израел, САД и Франција.
Исто така, имаше голем транспарент на кој пишуваше „Иран, живот и слобода со Реза Пахлави“, синот на последниот ирански шах.
На друг митинг одржан на Плоштадот на Републиката, неколку стотици луѓе протестираа против воздушните напади на САД и Израел, велејќи дека тие се спротивни на меѓународното право.
„Тука сме да ја осудиме израелската и американската интервенција против Исламската Република Иран, но исто така и да го осудиме провоцирањето на меѓународни тензии од страна на иранскиот режим и неговото насилно задушување на демонстрациите таму“, рече еден демонстрант.
Израел и САД го нападнаа Иран рано наутро во саботата и продолжија со нападите денес. Иран одговори со ракетни напади врз голем број земји во регионот, првенствено таму каде што има присуство на САД.












