петок, февруари 27, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Два града – иста болка“: Собир на граѓаните на Кочани во чест...

„Два града – иста болка“: Собир на граѓаните на Кочани во чест и почит кон починатите во пожарот во Кран Монтана

80
Фото:принтскрин, радио Кочани, видео

Граѓани на Кочани заедно со родителите на починатите во пожарот во „Пулс“ доцна попладне се собраа во „Паркот на Револуцијата“ во чест и почит кон жртвите во пожарот во клубот „Ла Констелејшн“ во Кран-Монтана во Швајцарија што се случи на 1 јануари годинава.

На собирот присуствуваа и родители на децата кои загинаа во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Тие порачаа дека длабоко ја разбираат болката, загубата и празнината што ја остава една ваква трагедија, истакнувајќи дека тишината понекогаш зборува погласно од зборовите. Во нивниот повик, тие ги повикаа граѓаните на солидарност и сочувство со жртвите и семејствата погодени од трагедијата во Швајцарија.

Во знак на почит кон загубените животи, присутните испуштија 40 бели балони кон небото – симбол на младоста која прерано згасна.

Без говори и без транспаренти, собирот помина во тишина, прекината само од трепетот на свеќите. Пораката беше јасна – болката нема граници, а човечката солидарност ги поврзува градовите и луѓето во најтешките моменти.

Во пожарот во Кран-Монтана животот го загубија 40 млади луѓе, додека во трагедијата во Кочани, за време на настапот на групата ДНК, загинаа 63 лица.

ИЗДВОЕНИ