ДВА ДЕНА ПРЕД ИСТЕКОТ НА РОКОТ ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ КАНДИДАТУРИ: Ливчето за избор на скопски градоначалник со петнаесетина имиња?

204

Најмалку петнаесет имиња, најверојатно, ќе бидат наредени на гласачкото ливче за избор на скопски градоначалник, на претстојните локални избори, чиј прв круг ќе се одржи на 19 октомври. Ова е ориентациски број на кандидатите што досега официјално го имаат најавено своето учество на изборната трка, како претставници на партиите, но и како независни кандидати што ги собрале потребните два потписа. Но, дефинитивниот број ќе се знае утре, 13 септември, кога точно на полноќ ќе истече рокот за поднесување кандидатури. Доколку сите најавени кандидати поднесат пријави, тоа ќе значи дека на претстојното гласање ќе има повеќе кандидати отколку што имаше на трката за скопски градоначалник пред четири години, кога имаше 12-мина претенденти.

Лидерот на партијата ГРОМ, Стевче Јакимовски, денеска соопшти дека нивни фаворит на изборниот натпревар за скопски градоначалник ќе биде Александар Трајановски, советник во Советот на Скопје во два мандата. Ова вечерва требаше да биде и официјално заверено со коалициски договор со партијата ЛДП, како и со Интегра и со ПЦЕР. Во периодот од 2022, па до февруари 2025 година, Трајановски беше заменик-градоначалник на скопската градоначалничка, Данела Арсовска, кога поднесе оставка поради несогласување со нејзината политика.

– Сметаме дека со своето искуство како советник во Советот на Град Скопје, тој е добар кандидат со кого ќе ја бараме довербата од граѓаните како коалиција – изјави вчера Јакимовски.

Со ова, се зголемува бројот на кандидати чии пријави ќе бидат заверени со печатите на партиите што стојат зад нив. Неодамна, партијата Единствена Македонија, чиј лидер е Јанко Бачев, објави дека ќе го кандидира Зоран Јовановски, дипломиран правник, за македонската метропола. Јовановски е познат по своето залагање за поблиски односи со Русија и со Кина.

– Неговата визија предвидува збратимување на Скопје и Москва, доведување најмалку 15-мина инвеститори од Русија и тројца од Белорусија, со кои се направени почетни контакти, како и иницијативи за економска соработка со овие земји, развој на туристичката соработка – објави оваа партија.

Тој е вкупно осми партиски кандидат откако претходно имаше седуммина номинирани претенденти. Познато е, владејачката ВМРО-ДПМНЕ го кандидира  актуелниот градоначалник на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, а опозицискиот СДСМ ја предложи потпретседателката на партијата и поранешна министерка за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Левица настапува со пратеникот Амар Мециновиќ, додека коалицијата „Вреди“ го номинира Башким Бакиу, директор на Дирекцијата за општи услуги при Универзитетскиот клинички центар во Скопје. Опозициската Национална алијаса за интеграција, предводена од ДУИ, ќе настапи со Скендер Реџепи Зејд, пратеник и лидер на партијата Народно движење. Независен кандидат поддржан од партијата ТМРО е професорот по дизајн од Европскиот универзитет, Александар Рашковиќ.

Истовремено, се зголемува и бројот на независни кандидати. На првично пријавениот Горан Марковски, предложен од граѓанската платформа „Независни заедно“, на крајот од истекот на рокот за собирање потписи му се придружија уште независните претенденти: Ване Цеков, Драган Николовски, Сашо Маневски, Сашо Панговски и Демир Исмаил. Завчера, пак, и скопски адвокат Срџан Амет објави дека ќе влезе во трка за фотелјата на скопскиот татко.

– Ќе настапам како прв Ром кандидат за скопски градоначалник, под слоганот „Скопје без поделби, Скопје со љубов“. Ќе понудам визија на град во која нема да има никакви поделби, бидејќи сега градот е многу поделен, чисто и уредено Скопје и партнерство со граѓаните. Се решив на овој чекор и за да покажам дека Ромите не се оние што го валкаат градот и дека не се само тие што ја загрозуваат целата слика на градот – потенцира Амет.

Паралелно со ова, се зголемува и бројот на кандидати во скопските и во другите македонски општини. Владејачката партија, ВМРО-ДПМНЕ, синоќа ги соопшти преостанатите кандидати. За Кисела Вода е номинирана актуелната пратеничка Бети Стаменковска-Трајковска, за Старо Нагоричане – Мирослав Славковски, за Дојран – Илија Пендов, за Долнени – Сашко Велјановски и за Ранковце – Даниел Павловски. За Кочани, како што беше соопштено, ВМРО-ДПМНЕ ќе се обедини околу натпартискиот кандидат, доктор Влатко Грозданов. Со ова, во градот, кој сè уште ги лекува тешките рани од ужасниот пожар со 62 жртви, ќе се судрат тројца независни кандидати, бидејќи во трка влегоа и актуелниот в.д. градоначалник, Венко Крстевски, и економистот Зоран Тодоров.

Денеска, актуелниот градоначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, објави дека решил да влезе во трката за петти градоначалнички мандат.

– Долго се премислував дали да влезам во изборната трка, но на крајот решив, бидејќи сè уште имам да им понудам на граѓаните. И понатаму постојат предизвици, пред сè паркирањето и одржувањето на хигиената и на зеленилото. Ќе инсистираме на нови законски решенија за хигиената и за зеленилото, со поделба по општините на градските претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ – нагласи тој.

Јакимовски потенцираше дека Карпош ќе продолжи со унапредувањето на училиштата – со нови системи за греење и ладење, топлотни пумпи и со батерии за складирање струја. Ќе се зголемат стимулациите за реновирање на покривите и на лифтовите, ќе се продолжи со субвенциите за полагање возачки испити за средношколци, како и изградба на пензионерски дом со капацитет од 150 до 200 легла.

Во трка за градоначалник на Шуто Оризари реши да влезе и Шабан Салиу, министерот без ресор, осомничен за трагедијата во Кочани. Тој ја промовираше кандидатурата, ветувајќи им на жителите на Општината подобри услови за живот.

– Шуто Оризари е единствената општина во светот водена од ромската заедница, место каде што секој камен шепоти приказни за нашите историја, култура и непокорен дух. Денес, заеднички носиме одлука за нашата иднина, за чесно и одговорно управување со нашата општина – порача Салиу во својот говор пред жителите на Општина Шуто Оризари.

Салиу беше директор на Дирекцијата за заштита и спасување во периодот од 2008 до 2017 година. Тој е меѓу поранешните функционери што се осомничени за случајот во Кочани. Во мај годинава, штипска Апелација му го укина притворот. Обвинителството го товари за тешки дела против општата сигурност, исто како и другите обвинети, а обвинението сè уште е во фаза на оцена во Кривичниот суд.

Познато е, многу кандидати ќе има и на гласачкото ливче во Прилеп, каде што, покрај партиските, се пријавија и седуммина независни кандидати. Со шестемина досега пријавени партиски кандидати, тоа значи дека на ливчето ќе има најмалку дванаесетмина претенденти. По пет независни кандидати се пријавија во Македонски Брод (Виолета П. Смилевски, Ивица Аврамовски, Николина Велјановска, Ненад Митревски и Марјан Алампиоски), Струга (Менди Ќира, Бесник Асани, Насто Палијоски, Мирко Савески и Игор Малевски) и во Демир Хисар (Драган Шулевски, Николче Николовски, Даниел Мреношки, Оливер Ивановски и Марјанче Стојановски). Во Битола, пак, има четворица независни: Габриела Илиевска, Васко Деловски, Зоран Николовски и Сашо Пивковски. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ