Шпанскиот ракометен стручњак Талант Душебаев е именуван за нов селектор на машката ракометна репрезентација на Франција, само неколку минути откако беше објавено заминувањето на Гијом Жил. Со ова, за првпат по 1958 година, француската селекција ќе ја води странски тренер. Душебаев ќе ја преземе функцијата на 16 март, на почетокот на репрезентативната недела, кога Франција ќе одигра две пријателски средби со Шпанија – во Ле Ман и во Сиудад Реал.
Зад него стои богата кариера и како тренер и како играч. Од 2014 година е на клупата на Киелце, а претходно работел и со репрезентациите на Унгарија и Полска. На клупско ниво се истакна со Сиудад Реал и Атлетико Мадрид, со кои освои две титули во Лигата на шампионите и четири шампионски титули во Шпанија. Воедно, важи и за еден од најдобрите ракометари во историјата.












