Дурмиши: За минималната плата треба да се договорат синдикатите и работодавачите

17

Дискусијата за минималната плата и барањето за зголемување беа дел од вчерашната собраниска седница на која пратениците од опозицијата побараа одговор од министерот за економија. Министерот Бесар Дурмиши рече дека Владата е за зголемување на минималната плата, но дека за тоа треба да се договорат синдикатите и работодавачите. Според Дурмиши доколку се зголеми минималната плата без економска оправданост, малите и средните претпријатија ќе се соочат со проблем што ќе се рефлектира со отпуштање на работниците.

– Како Влада и како Министерство не сме против зголемување на минималната плата, но потребен е договор меѓу синдикатите и работодавачите. Тие треба да се хармонизираат. Ниту еден договор не сакаме да го донесеме, а да е на штета на работниците и работодавачите. Предлогот за зголемување без економска основа е предизборен пример и проблем што ако го донесеме, малите и средните претпријатија ќе имаат проблем и ќе отпуштаат работници по што инфлацијата ќе се зголемува, рече Дурмиши.

Посочи дека според Евростат, земјава е на средина по висината на минималната плата и дека зад нас се Албанија и Србија.

Според Јованка Тренчевска од СДСМ, не држи образложението на министерот дека треба да се договорат само синдикатите и работодавачите затоа што станува збор за трипартитен социјален дијалог во кој учествуваат не само синдикатите и работодавачите, туку и Владата.

– Инфлацијата го јаде секој денар што граѓаните го земаат на крајот на секој месец. Според вашата логика, проблемот не е дека граѓаните плаќаат повисоки сметки, туку дека ако земат минимална плата од 500 евра, ќе бидат криви за инфлацијата, рече Тренчевска.

 

ИЗДВОЕНИ