Просечната потрошувачка кошничка што ја изработи Владата е за 13 проценти поевтина од потрошувачката кошничка што ја изработува Сојузот на синдикатите, тврди министерот за економија, Бесар Дурмиши.
Во потрошувачката кошничка изработена од Владата, како што изјави Дурмиши, опфатени се 101 производ и таа е реална, односно ги отсликува минималните трошоци на едно семејство.
– Околу 13 проценти е поевтина оваа потрошувачка кошничка од онаа што ја објавува ССМ. Нивната не е минимална кошничка – имаат ставено производи што не се трошат во временски период, имаат ставено ставка за кирија, а, според пописот, 90 проценти од населението има сопствен дом. Нивната кошничка не е реална, туку направена од тројца професори, кои самите кажуваат дека не е тоа минимална кошничка – рече Дурмиши.
Кошничката изработена од Владата вчера беше презентирана пред ЕСС и за неа имало одредени забелешки од, како што рече Дурмиши, технички карактер. На седницата на ЕСС имало и предлози во врска со кошничката, кои ќе бидат разгледани на следната седница, која ќе се одржи до крајот на месецов. Доколку биде прифатена, според Дурмиши, ќе почне да се применува од крајот на овој месец.












