Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, вели дека нема да донесат одлука за минималната плата под притисок и дека во март 2026 година минималната плата ќе се зголеми од 1.500 до 2.000 денари.
Дурмиши нагласува дека Законот предвидува дека минималната плата се одредува според просечната плата, како и според трошоците за живот.
– Во март следната година, кога ќе има усогласување, врз основа на параметрите што ги имаме, граѓаните ќе имаат повисока минимална плата. Тоа е формула и методологија со која се пресметува минималната плата, со што се согласуваат Економско-социјалниот совет, синдикатите, работодавците и Владата – рече Дурмиши во телевизиско гостување.
Врз основа на таа формула, јасно е дефинирано како се пресметува минималната плата, односно 50 проценти од просечната нето-плата од претходната година и 50 проценти од трошоците за живот, додаде министерот.
– Бидејќи сме на крајот од календарската година, ги имаме податоците за изминатите 11 месеци и во март, кога ќе се усогласи, минималната плата ќе се зголеми за приближно 1.500-2.000 денари, во зависност од тоа како ќе испадне пресметката – рече Дурмиши.
Тој, исто така, рече дека Владата работи на континуирано зголемување на минималната плата.












