Во 2024 година, полицијата во Германија регистрирала вкупно 29.014 кривични дела поврзани со напади со нож и дека бројот на сериозни повреди со нож е зголемен за 10,8 отсто во споредба со претходната година.
Во центарот на Билефелд, едно лице избоде неколку лица во раните утрински часови во неделата. Полицијата во градот Хајлигенхаус уапси осомничен во понеделникот вечерта. Станува збор за 35-годишен Сириец кој е во Германија од август 2023 година и има дозвола за привремен престој. Претходно бил непознат на полицијата.
Осомничениот наводно избодел неколку лица кои славеле пред кафуле во центарот на Билефелд. Според досегашните информации, најмалку пет лица на возраст меѓу 22 и 27 години се повредени, од кои четворица сериозно. Полицијата извести дека повредените повеќе не се во животно-загрозувачка состојба, пишува Дојче веле.
Според информациите од германскиот јавен сервис WDR, сторителот можеби неодамна се радикализирал и покажал интерес за терористичката организација ИС. Полицијата засега не сакаше да коментира за ова. WDR има и информации дека полицијата интерно го оценува злосторството како терористички напад.
Осомничениот оставил торба на местото на злосторството. Според извештаите, во неа имало „лични документи, како и шише со непозната течност што мирисала на бензин“. Очигледно, полицијата пронашла и ножеви, за кои засега не сакале да дадат конкретни информации. Во соопштението за медиумите, полицијата наведува дека позадината на злосторството и можниот мотив на сторителот сè уште се непознати. „Според сегашните сознанија, осомничениот нападнал луѓе на случаен начин“, се вели во извештајот.
Германскиот весник Bild цитира податоци од статистиката за криминал според кои во Германија се случуваат просечно 79 напади дневно. Се потсетува дека полицијата во Германија евидентирала вкупно 29.014 кривични дела поврзани со напади со нож во 2024 година и дека бројот на сериозни повреди со нож се зголемил за 10,8 проценти во споредба со претходната година.
Рајнер Вендт (68), претседател на германскиот полициски синдикат, за Bild изјави дека „прагот за насилство се намалува и намалува“ и дека се вадат ножеви „дури и од тривијални причини и навидум безопасни расправии“.
Bild го цитира и Удо Ветер, адвокат специјализиран за кривично право, кој предупредува дека „ножевите станаа секојдневни придружници за многу луѓе“. Тој додава: „Особено младите луѓе носат ножеви во џебовите како да се мобилни телефони“. Затоа Рајнер Вендт повикува на започнување превентивни мерки уште во училиштата.