Сезонски прилагодената стапка на невработеност во еврозоната се искачи на 6,3 проценти во август од рекордно ниските 6,2 проценти во јули, соопшти денес Евростат.
Бројот на невработени лица во еврозоната се зголеми за 11.000 во месецот на 10,8 милиони, се додава во извештајот.
Невработеноста кај младите (под 25 години) во еврозоната изнесуваше 14 проценти во август, непроменета во однос на јули, според ревидираните бројки.
На ниво на Европската унија, стапката на невработеност изнесуваше 5,9 проценти, непроменета во однос на јули.
Вкупниот број на невработени лица во Европската унија се проценува на 13 милиони, од кои 10,8 милиони се во еврозоната.
Меѓу најголемите економии во еврозоната, највисоките стапки на невработеност остануваат во Шпанија со 10,3 проценти, Франција со 7,5 проценти и Италија со 6 проценти, додека Германија со 3,7 проценти и Холандија со 3,9 проценти ги регистрираа најниските стапки, според веб-страницата на Евростат.
Стапката на невработеност кај жените во еврозоната за август изнесуваше 6,4 проценти, а кај мажите 6,1 процент, исто како и во јули.
Според дефиницијата на Меѓународната организација на трудот (МОТ), за невработени лица се сметаат оние кои активно барале работа во претходните четири недели и се достапни да започнат со работа во следните две недели, што е критериумот што го користи Евростат.