Иако ќе има речиси 40 години по Олимписките игри во Лос Анџелес во 2028 година, Кевин Дурант нема никакви дилеми повторно да игра за САД.

Ветеранот на Хјустон веќе го информираше извршниот директор на кошаркарската репрезентација на САД, Грант Хил, дека би сакал да биде дел од селекцијата за Олимписките игри во Лос Анџелес. Тој јасно стави до знаење дека возраста не треба да биде пречка за неговата кандидатура. Нагласи дека не очекува никаков посебен третман и покрај сè што има постигнато со националниот тим.

  • Не сакав да биде исклучено моето име само затоа што сум постар и затоа што сум го направил тоа претходно. Грант ја разбира мојата љубов кон националниот тим. Тоа е моето семејство. Љубовта што ја имам кон тимот на САД и целата организација е неспоредлива, па затоа би сакал да бидам дел од тоа додека да завршам со играњето – порача Дурант.

Тој играше на последните четири Олимписки игри и веќе има историски статус во американската кошарка. Сепак, инсистира дека не треба да се зема неговото место во тимот здраво за готово.

  • Разбирам колку е тешко ова за Грант и колку многу одлични играчи ќе се појават во следната година и пол. Јас сум, исто така, многу постар во споредба со многумина од нив. Знам дека имам многу работа пред мене за да влезам во тимот – кажа искрено Дурант.

На Олимписките игри во Париз во 2024 година, тој стана првиот американски кошаркар што освоил четири златни олимписки медали. Иако Сју Берд и Дајана Таураси освоија пет златни медали во женска конкуренција, тој тврди дека не е мотивиран од можноста да го израмни тој рекорд.

  • Едноставно сакам да играм за репрезентацијата на САД. Обожавам да ја претставувам мојата земја. Тоа е првото и најважно нешто – да го ставам амблемот на САД на градите и да ја претставувам земјата од која доаѓам – вели Американецот.

Бројките потврдуваат дека неговите амбиции не се нереални. Во својата 18. НБА- сезона, тој постигнува просек од 25,9 поени, со импресивни 50,7 проценти шут од поле, јасно покажувајќи дека останува меѓу елитните офанзивни играчи во лигата.

Останува да се види дали Грант Хил и тренерскиот штаб на тимот на САД повторно ќе сметаат на еден од најголемите стрелци на својата генерација во 2028 година. Кевин Дурант сè уште не го има кажано својот последен збор во дресот на американската репрезентација.

ИЗДВОЕНИ