Еден од најпознатите светски бендови и еден од најуспешните од Њу романтик (New Romantic) сцената, „Дуран Дуран“ (Duran Duran) повторно доаѓаат во Македонија, сега со концерт на 2 јули во арената „Борис Трајковски“ во Скопје.

Оние кои го пропуштија одличниот концерт на отворено на скопското Кале во 2012 година, кога бендот беше актуелен со тогаш најновата „Girl Panic“ ќе имаат можност да уживаат во музиката на британскиот бенд кој на музичката сцена е познат по хитовите „Reach Up for The Sunrise“, „Notorious“, „Hungry Like the Wolf“, „Rio“, „Girls on Film“, „Ordinary World“, „Come Undone“, „The Reflex”, „A View to a Kill”, „The Wild Boys“… и многу други.

Британскиот бенд што во 80 и 90 години на минатиот век жареше и палеше со музиката, но и со екстравагантните спотови на кои беа најпознатите светски манекенки, беше омилен и кај женската популација. Беа едни од најголемите фраери, нивните ликови постојано се наоѓаа на страниците на музичките магазини, а често висеа и на постери во собите на тинејџер(к)ите.

„Дуран Дуран“ е формиран во Бирмингем во 1978 година од страна на клавијатуристот Ник Роудс и басистот Џон Тејлор, кои инспирацијата за името на бендот ја добиле од лик од научно-фантастичниот филм „Барбарела“ од 1968 година. Потоа на бендот му се приклучуваат Роџер Тејлор на тапани, како и Енди Тејлор на гитара. Интересно е што тројцата членови на бендот кои го носат презимето Тејлор не се во никаква роднинска врска. Пејачот Сајмон Ле Бон станува официјален член на бендот откако ја поминал аудицијата. Во екот на својата слава во 80-тите години, членовите на Дуран Дуран започнуваат сопствени проекти, Сајмон Ле Бон и Ник Роудс со „Аркадија“, додека Енди и Џон Тејлор со „Пауер Стејшн“. Тапанарот Роџер Тејлор во тој период се повлекува од музичката сцена. Подоцна бендот функционира како трио, без Роџер и Енди Тејлор. Обединување на оригиналната постава имаше во септември 2004 година на албумот „Астронаут“.

Според „Билборд“, „Дуран Дуран“ продале над 100 милиони плочи, а во Велика Британија, тие постигнаа голем успех на топ листата на албуми со пет албуми меѓу првите пет во пет последователни децении. Бендот освои бројни награди во текот на својата кариера: две Brit Awards, вклучувајќи ја наградата за извонреден придонес во музиката во 2004 година, две Греми награди, награда за видео музика на MTV за животно дело и награда за видео визионер од MTV Europe Music Awards. Бендот беше примен во Рокенрол куќата на славните во 2022 година, а доби ѕвезда и на Холивудската патека на славните.

Како што најавија од Авалон продукција, влезниците ќе бидат во продажба од 19 февруари. (Н.И.Т.)

Фото: Официјална ФБ страница на „Дуран Дуран“ и Википедија

ИЗДВОЕНИ