Како што се приближува стартот на изборната кампања за локалните избори, политичката реторика меѓу партиите станува сѐ понагласена и поларизирана. Политичките партии веќе ги заоструваат позициите во пресрет на изборите, при што акцентот сѐ повеќе се префрла од локалните теми кон меѓусебни обвинувања и тензична реторика. Во атмосфера на зголемени политички тензии и предизборна неизвесност, локалните избори сѐ повеќе добиваат тежина што отстапува од нивната суштина. Изјавата на премиерот Христијан Мицкоски за „тајниот план“ на ДУИ и СДСМ за хаос на локалните избори, како и реакцијата од ДУИ дека ваквите негови зборови се „опасни клевети и поттик за етнички судири“ и од СДСМ дека премиерот „посегнува по измислени сценарија и конструкции“ во недостиг на капацитет да се води државата, ја пренасочува јавната дебата од реалните локални предизвици кон етничка поларизација. Партиската реторика повторно добива етничка димензија, наместо решенија за комунални и урбани проблеми. Етничките наративи и обвинувања ги надминуваат рамките на реалните проблеми на граѓаните.
Изборите не се за живот или смрт
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, вчера повика на смирување на тензиите и враќање на фокусот кон вистинските приоритети на локалната политика. Тој оцени дека изборите не смеат да се третираат како прашање на живот или смрт, туку како натпревар на идеи и решенија за секојдневните проблеми на граѓаните. На редовниот понеделнички брифинг со новинарите тој рече дека до него не стигнале сознанија за тајно сценарио меѓу опозициските СДСМ и ДУИ за предизвикување хаос на изборите.
– Немам информации за некаков таков договор меѓу СДСМ и ДУИ. Такви информации не дојдоа до мене. Проблемот е што ние секои избори ги правиме како да се последни, како да се за живот или смрт. Локални избори треба да бидат за тоа што градоначалниците треба да понудат. Ние имаме многу проблеми во комунална сфера и кандидатите треба да се насочат кон комунална сфера, потенцира Гаши и додаде дека токму Декларација што треба да биде усвоена во Собранието би била уште една потврда партиите да се обврзат на фер и демократски избори.
Демократската унија за интеграција во неколку наврати деновиве реагира на изјавите и ставовите што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски ги изнесе на партискиот настан викендов, од каде порача дека локалните избори нема да бидат вратата за влез на ДУИ во Владата и предупреди дека СДСМ и ДУИ имаат смислено и координирано сценарио за хаос, политичка магла и манипулации. Мицкоски рече и дека е погрешна тезата на ДУИ дека ако тие не се во Владата, тоа значи етничка поларизација во државата. Интегративците велат дека наместо да даде отчет за слабите резултати на Владата во секоја област, од економијата до меѓународната изолација, премиерот се занимава со празни напади кон ДУИ.
–Наместо да измислува имагинарни непријатели, Мицкоски треба да објасни: зошто неговата влада ги крши Уставот и законите, зошто ги дискриминира Албанците, зошто ја исклучи дијаспората од официјалните пресметки спротивно на уставните и законските норми, зошто ги инструментализира ДИК, Уставниот суд и другите институции за партиски и моноетнички цели и зошто со секоја одлука ја враќа државата назад во времето пред 2001 година, порачаа од ДУИ во вчерашното соопштение.
Од опозициската партија велат дека не можат да останат рамнодушни кога се крши Охридскиот рамковен договор, документ кој, велат, е од суштински значење за стабилноста и прогресивната иднина на државата, а обидот на Мицкоски да создаде „политички кнежевства“ меѓу Албанците, преку распарчување на политичката сцена со мали контролирани партии, е пропаднат проект чија цел е слабеење на албанското политичко претставување.
Од ДУИ тврдат дека нив не ги интересира дали се дел од власта или не, туку нивната цел е да ја извадат државата од ќор-сокакот во кој се наоѓа и да ја придвижат напред.
–Со стари политики процесите не напредуваат, а со судири не се гради иднината. Оваа влада не е влада на граѓаните, туку на ‘српскиот свет’, со јасна ориентација кон оската Белград – Москва. Секоја нејзина одлука го загрозува евроатлантскиот пат кој Албанците и Македонците го избраа со апсолутно мнозинство, велат од ДУИ.
Албанците не се ДУИ
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, порачаа дека ДУИ не се Албанците, и дека Албанците се срамат од нив.
–Бујар Османи и ДУИ повторно ги извртуваат тезите. Албанците не биле и не се ДУИ, ниту пак ДУИ има право да се прикажува како единствен претставник на Албанците. Волјата на граѓаните, Македонци, Албанци и сите други – јасно покажа дека криминалната структура на Али, Артан и Бујар припаѓа на буништето на историјата. Зошто да не може аргументирано да се соголува криминалот на ДУИ? Дали тоа е забрането? Значи ли тоа дека за Бујар, Али, Заев, Филипче и другите корумпирани колеги важат други правила – дека ним сè им е дозволено? Кога ДУИ се фатени во криминал и корупција, тоа не е напад врз Албанците, туку разобличување на мафијашката мрежа која ја користеше етничката карта како параван, порачаа од владејачката партија преку соопштение.
Реакција имаше и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој обвинувањата на премиерот Мицкоски дека СДСМ и ДУИ имаат тајни планови за хаос и политички малверзации за изборите ја оценува како резултат на немањето капацитет да се води државата. Од партијата реагираа и преку соопштение. Обвинуваат дека премиерот Мицкоски „посегнува по измислени сценарија и конструкции“ околу локалните избори, бидејќи зад себе, како што велат, нема резултати.
–Со истата стара реторика на поделби по политичка и етничка линија, Мицкоски повторно се обидува да ја излаже јавноста, исто како пред парламентарните избори во 2024 година. Но, тоа веќе не поминува. Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ се прочитана книга и граѓаните нема да подлегнат на истите лаги и манипулации. Ваквите изјави на премиерот Мицкоски само потврдуваат дека власта е во паника поради падот на поддршката и стравот дека разочараноста и незадоволството на граѓаните ќе се пресликаат на резултатот од локалните избори. Логично е прашањето: дали токму Мицкоски е тој што подготвува хаос на изборите?, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Нема место на Илинденска за ДУИ и СДСМ
На настан по повод отчет за четиригодишната работа на градоначалниците, премиерот најави дека веднаш по локалните избори ќе има промени во партијата, како и реконструкција и подобрување на капацитетите на Владата, но дека „овие избори нема да бидат вратата на ДУИ за во Владата и дека Македонија ќе им каже не на СДС и ДУИ“. На партиската трибина, Мицкоски рече оти овие опозициски партии сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот и да ја изиграат демократијата, со инфлација од независни кандидатури и фантомски листи.
Мицкоски рече и дека ДУИ ако не е на власт зборува за етничка поларизација, но тезата ѝ е погрешна и е од раните деведесетти години, откако претходно кандидатот за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, остро ја осуди, како што ја нарече, системската политика на новата власт за маргинализација и потиснување на Албанците од сите општествени текови. Османи порача дека не станува збор за поединечни инциденти, туку за координиран проект на елиминација. Тој го обвини Мицкоски за длабока нетолеранција кон Албанците, која според него се манифестира и на лично и на институционално ниво. (В.С.Н.)