Со концертот на пијано – дуо Гелебешеви, на 2 јуни се отвора четвртото издание на фестивалот на камерна музика „Класика меѓународен фестивал Струмица – 2025“, во рамките на кој годинава, до 10 јуни, јавноста ќе има можност да ужива во уште четири концерти на домашни и странски уметници.
„Годинава имаме настани со домашни и претежно странски гости, од Бугарија, Романија и Чешка. Чест ми е што по четврти пат се организира еден ваков фестивал, бидејќи во државата навистина недостасуваат настани од областа на класичната музика, иако треба да се негуваат и останатите жанрови. Иако фестивалот е млад, во план е и едукација на младата популација во Струмица“, посочи претседателот на Здружението во Струмица, Влатко Митев.
Според селекторот на фестивалска програма проф. м-р Васил Атанасов, ова е фестивал на камерна музика и еден од ретките во државата, иако изведбата на камерната музика во светот, како што посочи, е во експанзија.
„Дуо Гелебешеви е едно од најдобрите и најквалитетните наши клавирски дуа, кои го сочинуваат Катерина и Глигор Гелебешеви, наши истакнати уметници и професори со одлична кариера. Следниот концерт е на 5 јуни, а се работи за гудачки квартет од Бугарија „Арте“, кои ќе се претстават во класичен состав, флејта, виола, виолончело и контрабас. Водач на овој квартет со познати уметници е професорката Петја Баговска, а во рамките на програмата ќе изведуваат од барок до современа музика. Потоа, на 7 јуни следува камерното дуо од Чешка, со извонредната певица од Прашката опера, Павлина Сениќ и Кристијан Бадаровски на пијано, кои ќе изведат чешка, италијанска, европска музика… Следниот ден на 8 јуни во црквата „Св. Петнаесет тивериополски свештеномаченици“ во Струмица, ќе настапи хорот „Злата Мегленска“ под диригентската палка на Летка Димовска-Полизова со православна хорска музика со композиции од домашни и светски автори. Настап за крај ќе има Квартет на саксофони од Македонија, под раководство на професорот Горан Кавраков, кои ќе настапат со музика од Бах до филмска музика и обработки“, посочи Васил Атанасов.
Дуото Гелебешеви пред присутните ќе ги изведат увертирите од познатите опери на Супе, Вагнер и Росини приспособени за четирирачно пијано, како и пиеси на Рахмањинов.
Инаку, сите концерти, освен на хорот „Злата Мегленска“, ќе бидат одржани во НУЦК “Антон Панов“ Струмица. (Д.Т.)