Пратениците на опозициската Демократската унија за интеграција ќе ги поддржат предложените измени во Законот за прекршоци со кои системот „Сејф Сити“ ќе стартува од почетокот на февруари. Ова денеска го соопшти координаторка на нивната пратеничка група Рина Ајдари наведувајќи дека оставаат на МВР да работи на забелешките кои тие ги имаат во однос на предложените решенија.
-Од МВР ни рекоа дека се работи во насока на нашите барања. Зависно од тоа како се исполнуваат нашите барања ќе решиме како ќе постапуваме во Собранието и дали ќе предлагаме измени во законските решенија – објасни Ајдари на прес-конференцијата.
Таа рече дека ја поддржуваат безбедноста на граѓаните која овој проект треба да ја зголеми но, исто така, важно им е почитување на уставните права и слободи на граѓаните. Ајдари ги изнесе и забелешките кои ги добиле од граѓаните.
–Ние начелно ги поддржуваме промените и стартот на системот кој треба да донесе поголема безбедност во сообраќајот. Значајно е да се сочува макар и еден човечки живот, но значајно е и тоа да се почитуваат уставните права на граѓаните. Потребно е да се користи албанскиот јазик, кој е исто така службен јазик. Граѓаните реагираат и на тоа зошто системот ќе се применува само во три града – Скопје, Тетово и Куманово, а не и во другите и со што се создава нееднаквоста на граѓаните. Потребна е и промена кај казните, но и кај усогласеноста на сообраќајните знаци – објасни таа. Според најавите, собраниската седница на која што би се изгласале законските промени треба да се одржи в петок. Но, тоа дополнително ќе се потврди. За изгласувањето потребно е двотретинско мнозинство од 80 пратеници. (Б.Ѓ.)












