Духовните поглавари во борба против насилниот екстремизам

15

Заеднички став и повик до верниците и до граѓаните да се спротивстават на секаков облик на насилен екстремизам упатија денеска лидерите на пет верски заедници во земјава. Духовните водачи – Неговото блаженство г.г. Стефан, архиепископ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија; Шаќир еф. Фетаху, реис-ул-улема на Исламската верска заедница; скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов; Марјан Димов, суперинтендент на Евангелско-методистичката црква и Пепо Леви, претседател на Еврејската заедница – заеднички потпишаа декларација на верските лидери во РС Македонија против насилниот екстремизам. Во потпишувањето учествуваа и Оливера Трајковска, директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, и Александар Кржаловски, директор на МЦМС.

– Ќе работиме против секоја злоупотреба на верата за политички, идеолошки или насилни цели, кои се спротивни на нејзината суштина и длабоко ги нарушуваат меѓусебната доверба, мирот и кохезија во општеството. Ги повикуваме верниците од нашите заедници и сите наши граѓани да ги негуваат вредностите на меѓусебното почитување, дијалог и разбирање, кои се темел на заедничкиот живот. Се обврзуваме да придонесеме за зајакнување на отпорноста на заедницата, особено кај младите и кај ризичните групи. Ќе соработуваме со сите општествени чинители – институции, граѓански организации, образовни установи и медиуми во напорите за превенирање и спречување на насилниот екстремизам – се наведува во декларацијата потпишана од верските лидери.

Настанот е дел од програмата „Пат кон отпорност и реинтеграција на ранливите семејства во заедницата“, кој го поддржува ГЦЕРФ, а го спроведува МЦМС во партнерство со граѓанскиот концепт „Нексус“ и Здружението за активен и здрав развој на жените и децата „Плеиадес“.

Според Оливера Трајковска, директорка на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, со потпишувањето се исполнува и општествената должност да се реагира на одредени општествени феномени.

– Верата е повик за мир, за добрина, повик за соживот и толеранција. Затоа сметаме дека сè што отстапува од границите на она што го пропишува верата, треба, на некој начин, да биде детектирано и превенирано. Верските лидери се клучни фактори во нашето општество, кои може да извршат клучно влијание меѓу своите верници, но и меѓу другите граѓани. Верските заедници може да направат исчекор во борбата против насилниот екстремизам, кој последниве децении се наметнува како глобален проблем – потенцира Трајковска.

Таа додаде дека потпишувањето покажува дека верските заедници во нашата земја имаат многу добра комуникација, како меѓусебна така и со државата.

Поглаварот на ИВЗ, реис-ул-улема Шаќир Фетаху, одговарајќи на новинарско прашање за неодамнешното откривање две терористички групи во рамките на исламскиот корпус на верници во Гостивар, Струга и во скопски Чаир, како и за притисоците врз имамите на одредени џамии од радикални структури, рече дека оваа верска заедница категорично ги осудува.

– Секој чин што излегува надвор од прописите на исламската вера, односно секоја појава што е спротивна на верските прописи, особено на мирот, солидарноста, соживотот…, секогаш ќе го осудуваме. За појавите во Гостивар и во други општини, ние немавме сознание оти не беа ни верски работници, ни професионалци, ни квалификувани како верски службеници или како професионалци во верското учење. Добро е што државата ги откри тие појави, а ИВЗ не е компетентна да реши некои работи – рече Фетаху.

Тој додаде дека откако е стапен на функцијата, сите џамии што дотогаш биле надвор од ИВЗ, се вратени во рамките на Заедницата и сега се во нејзините уставни рамки и нема никакви проблеми. Реисот рече дека ќе се информира за нападите врз некои имами, за што досега нема сознанија. (Б.Ѓ.)

 

Постојат странски влијанија и туѓи учења

– Свесни сме за постоењето влијанија од странство кај нас. Затоа со земјите каде што мнозинството се муслимани потпишавме разни документи, со што ќе соработуваме само со компетентна исламска институција. Неприфатлива е некаква индивидуална соработка и ние бескомпромисно ќе се бориме против индивидуални активности. Ако има некоја таква индивидуална активност, тогаш државата треба да преземе мерки. Во претходните години, тука имавме и едно лошо искуство, кога беа регистрирани две-три религиозни групи без наше знаење, а тоа е потребно – рече реисот Фетаху.

ИЗДВОЕНИ