Градовите како Дубровник и Талин успеале да го зачуваат своето средновековно наследство, балансирајќи ги безбедноста и удобноста за туристите и за жителите. Индексот на најбезбедни дестинации ги оценува европските градови врз основа на растот на криминалот во последните пет години, како и врз основа на моменталното ниво на криминал

 

Според нова студија на туристичката агенција „Ривиера травел“, Дубровник е избран за најбезбедниот град во Европа. Активностите, времето и буџетот обично го обликуваат изборот на дестинацијата за одмор, но и безбедноста, исто така, е клучен фактор при резервацијата на следното патување, објавува „Еуроњуз“.

Градовите како Дубровник и Талин успеале да го зачуваат своето средновековно наследство, балансирајќи ги безбедноста и удобноста за туристите и за жителите.

Индексот на најбезбедни дестинации ги оценува европските градови врз основа на растот на криминалот во последните пет години, како и врз основа на моменталните нивоа на криминал, за комбиниран резултат за безбедноста. Најмалиот број ја означува најбезбедната дестинација врз основа на најниската стапка на криминал.

– Ова истражување потврдува дека Европа нуди одлична култура и убавина, како и неспоредлива безбедност. Од средновековниот шарм на Дубровник до неверојатната панорама на Прага исполнета со кули и живописната убавина на Цирих, најбезбедните дестинации во Европа ви овозможуваат слободно да шетате во мир – изјави за „Еуроњуз травел“ Џоан Лин, раководител на стратегијата за производи во „Ривиера травел“.

Но, иако истражувањето ги рангира овие градови меѓу најбезбедните во Европа, сепак, е важно да се преземат мерки на претпазливост и да се биде претпазлив при посетата на нови дестинации.

Кои градови се најбезбедни во Европа?

Иако европските градови се, генерално, релативно безбедни во споредба со градовите на глобално ниво воопшто, следните дестинации ја креваат безбедноста на следно ниво.

Дубровник

Дубровник, еден од најпопуларните градови во Хрватска, е, исто така, и најбезбеден, според „Ривиера травел“, со вкупен безбедносен резултат од 44,1. Градот наречен Бисер на Јадранот е светско наследство на УНЕСКО поради добро зачуваниот утврден стар град и исклучителната средновековна архитектура. И покрај тоа што е една од најдобрите дестинации за забави на континентот, моменталната стапка на криминал се смета за многу ниска, а и стапката на криминал регистрирана во последните пет години е, исто така, ниска.

Безбедно ноќно истражување е можно дури и ако сте сами, бидејќи градот е многу лесен за пешачење и во стариот дел има особено добро осветлени улици.

Дубровник, според „Лонли планет“, развил многу силно чувство за заедница. Особено е гостопримлив за туристите, а во исто време ги штити своите жители и создава безбедна средина за посетителите. Насилниот криминал е редок, иако сè уште може да се појават ситни кривични дела како што се џепни кражби, со повремени туристички стапици и измами од некои таксисти.

Талин

Талин се најде на второто место на индексот за безбедни дестинации, со вкупен безбедносен резултат од 55,8 и со многу ниска моментална стапка на криминал. Градот е еден од најбезбедните главни градови во Северна Европа. Стариот град е уште едно место од светското наследство на УНЕСКО, исклучително добро зачуван пример за средновековен, северноевропски пазарен град. Многу локални жители, особено оние во секторите за услуги и туризам, течно зборуваат англиски, што им олеснува на туристите да побараат помош доколку им е потребна. Апликациите за такси како „Болт“ нудат услуги „Жени за жени“, кои им овозможуваат на жените патници конкретно да побараат превоз од жени возачи. Многуефикасните јавни услуги и систем за е-влада на Естонија, исто така, ја промовираат безбедноста, а воедно обезбедуваат и лесен пристап до услуги и информации преку Интернет.

Варшава

Варшава се најде на третото место на индексот, со вкупен безбедносен резултат од 60,2. Иако бележи умерено зголемување на криминалот во последните пет години, сепак, градот има многу ниска моментална стапка на криминал.

Прага

Прага се најде на четвртото место на индексот за безбедни дестинации, со вкупен безбедносен резултат од 50,9. Слично на Варшава, Прага бележи умерено зголемување на криминалот во последните пет години, иако во моментов тој е многу низок. Наречена Град на Сто Кули, Прага нуди привлечна мешавина од спектакуларно разгледување и безбедност. Според „Прага вјус“, спроведувањето на законот е проактивно и ефикасно во справувањето со џепните кражби и други кривични дела, како и во одржувањето на редот, а градот има добар систем за надзор.

Краков

Краков е уште еден полски град на листата, кој се наоѓа на петтото место, со вкупен безбедносен резултат од 64,3. Во моментов, тој има ниска стапка на криминал, со умерено зголемување во последните пет години. Ова во голема мера се должи на силното присуство на полицијата, особено во туристичките области, што обезбедува зголемено чувство на безбедност и го обесхрабрува криминалот.

Како и Дубровник, Краков има пријателски став кон туристите, а стариот град и другите клучни туристички центри се преполни и добро осветлени. Јавниот превоз е, генерално, безбеден дури и ноќе.

Амстердам

Амстердам е на шестото место, со умерено зголемување на криминалот во последните пет години. Холанѓаните имаат особено високо ниво на доверба во полицијата. Како резултат на тоа, има поголема веројатност сведоците и жртвите на криминал во Амстердам да пријават инциденти, што помага да се намали вкупниот криминал. Амстердам, исто така, има и потолерантен и полиберален пристап кон работите како што се проституцијата и употребата на канабис, што помага да се намали веројатноста за кривични дела поврзани со овие активности.

Минхен, Рејкјавик, Цирих и Будимпешта, исто така, се најдоа на листата на безбедни градови.

ИЗДВОЕНИ