вторник, февруари 24, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ДРЖАВНИТЕ РЕВИЗОРИ ГО ЧЕШЛАА РАБОТЕЊЕТО НА ПЕТ ПАРТИИ: Чисти сметки, матни членарини

ДРЖАВНИТЕ РЕВИЗОРИ ГО ЧЕШЛАА РАБОТЕЊЕТО НА ПЕТ ПАРТИИ: Чисти сметки, матни членарини

Ревизорските извештаи за ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Левица и Алтернатива покажуваат дека работеле финансиски уредно, најмногу пропусти со собирањето на членарината. СДСМ и Алтернатива во изборната 2024 година воопшто не собрале членарини од партиското члнество, кај ДУИ се плаќало и повеќе од законски предвидениот износ, а ВМРО-ДПМНЕ и Левица треба да го уредат собирањето и евидентирањето – констатираа ревозирите

40

Партитие ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ, Левица и Алтернатива имале уредно финансиско работење во 2024 година, а најголеми проблеми постојат околу прибирањето на членарините од нивните членови. Ова го покажуваат поединечните извештаи на Државниот завод за ревизија кој направил ревизија на финансиските извештаи на петте партии.

-Финансиските извештаи ги прикажуваат вистинито и објективно, во сите материјални аспекти, финансиската состојба. Финансиските трансакции и информации, рефлектирани во финансиските извештаи се во согласност со релевантната законска регулатива, упатства и воспоставени политики – оценка е која генерално се повторува во секој поединечен извештај.

Од ревизорските извештаи се гледа колкави расходи имала секоја од овие партии пред две години кога се оддржувале парламентарните избори. Така, за ВМРО-ДПМНЕ е наведено дека вкупните расходи изнесувале 223.131.000 денари, односно, околу 3,5 милиони евра. Расходите во изборната година на СДСМ биле во износ од 183.087 илјади денари или околу 3 милиони евра,  на ДУИ 57.418.000  денари или 926.000 евра, на Левица – 45.459.000 денари (733.000 евра), а на Алтернатива -19.723.000 (318.000 евра).

За ревизорите е спорно што со измените во Изборниот законик било дозволено парите кои партитие ги добиваат од државниот Буџет за редовно работење да може да се користат за покривање на трошоците во изборната кампања.

-Потребно е преиспитување на оваа одредба бидејќи средствата за спроведување на изборите се обезбедуваат од државниот Буџет и со нив располага Државната изборна комисија и предупредуваат ревизорите.

Главни забелешки се однесувале во однос на собирањето на партиските членарини. За ВМРО-ДПМНЕ е утврдено дека „треба да се регулира начинот на плаќање, уплата и евидентирање на членерината“, додека опозициската СДСМ во немала таков приход.

-Во 2024 година партијата нема остварено приходи по основ на членарини – наведуваат ревизорите.

Во ДУИ, пак, имало примери членови да плаќале и поголема годишна членарина од опрделениот лимит од една просечна нето плата во државата.

-Утврдивме дека и во 2024 година уплатени се членарини од 16 лица во повисок износ од законски дозволениот, што не е во согласност со Законот за финансирање на политичките партии – потенцираат ревизорите.

Приходи од членарината во изборната 2024 година немала ниту партијата Алтернатива која е дел од владиното мнозинство, а за Левица е констатирано дека „ не секогаш има воспоставена целосна и соодветна евиденција во деловните книги за висината на членарината по член на партијата“. (Б.Ѓ.)

ВМРО-ДПМНЕ нема фактури за 271 уметничка слика, СДСМ нема тапии за дел од имотите

Ревизорите укажале дека владеачката партија ВМРО-ДПМНЕ се уште не им доставила фактурите врз основа на кои се платени уметнички слики во нивното партиско седиште.

Состојбата која се однесува на евидентирани 271 уметничка слика во деловните книги во вкупен износ од 19.065 илјади денари (307.000 евра) кои се набавени врз основа на склучен договор со странско лице е непроменета. Иако согласно склучениот договор обврзувачко било истите да се достават заклучно до 30.06.2017 година, врз основа на кои и би се извршило плаќањето. Тие не се доставени од авторите на сликите – се наведува во извештајот.

За СДСМ се наведува дека за дел од објектите кои партијата ги користи нема тапии.

-И покрај преземените активности, сеуште не се обезбедени документи за сопственост, поради што не е извршено нивно запишување во Агенцијата за катастар на недвижности, не е проценета нивната вредност и не се евидентирани во деловните книги – се потенцира во извештајот.

ИЗДВОЕНИ