Државните ниви не ги ораат вистинските земјоделци, туку избрани фирми кои жнеат огромни профити

Најквалитетното државно земјоделско земјиште и најголемите земјоделски површини се дадени под концесија на големи компании, а не на вистинските земјоделци. Овие компании државното земјоделско земјиште го користат за нивни бизниси и остваруваат големи профити. -Вистинските земјоделци и локалните жители се лишени од можноста да го земат под наем ова земјиште и да го користат за производство на храна. Овие компании земјоделското земјиште не го користат за производство на храна, туку за култури кои се извозно-ориентирани од кои народот нема никаков бенефит, вели Ѓорѓи Каракашев од Националната земјоделска мрежа. И универзитетскиот професор Илија Каров вели дека мора да се стави ред на овој башибозук кој владее во македонскиот аграр, бидејќи  Голем дел од компаниите и индивидуалците и покрај тоа што државното земјиште не го користат за земјоделско производство земаат субвенции од државата

964

Над 70 отсто од вкупното земјоделско земјиште во државата стои необработено. Најквалитетното државно земјоделско земјиште и најголемите земјоделски површини се дадени под концесија на големи компании, а не на вистинските земјоделци. Овие компании државното земјоделско земјиште го користат за нивни бизниси и остваруваат големи профити. Најчесто ова земјиште го користи за долгогодишни насади, односно производство на лешници, бадеми, ореви…, поставување на фотоволтаици и други профитабилни бизниси, а не за производство на храна. Земјоделските експерти велат дека евиденцијата на државното земјоделско земјиште се прави веќе десет години и сè уште немаме точни бројки колкав дел од земјиштето е дадено под концесија.

-Со државното земјоделско земјиште се прават големи малверзации. Најплодните ниви и најголемите парцели се дадени на големи компании преку јавни огласи на кои индивидуалните земјоделци не ги исполнуваат условите да аплицираат. Така вистинските земјоделци и локалните жители се лишени од можноста да го земат под наем ова земјиште и да го користат за производство на храна. Овие компании земјоделското земјиште не го користат за производство на храна, туку за култури кои се извозно ориентирани од кои народот нема никаков бенефит. Најголем дел од овие земјоделски површини се користат за производство на лешници, бадеми, ореви…, за производство на биогас, изјави за весникот ВЕЧЕР, Ѓорѓи Каракашев претседател на Националната земјоделска мрежа.

Според него, големите компании го користат државното земјоделско земјиште за свои бизниси и остваруваат големи профити. Најчесто овие компании не се занимаваат со производство на земјоделски производи за населението, туку со одгледување на долгогодишни насади, производство на биогас и за фотоволтаици.

Каракашев вели дека уште поголем проблем е што овие фирми користат субвенции и се нелојална конкуренција на индивидуалните земјоделски производители.

И Илија Каров, универзитетски професор и земјоделски експерт, вели дека државното земјоделско земјиште не е во рацете на вистинските земјоделци, туку на компании и на индивидуалци кои не се земјоделски производители.

-Државното земјоделско земјиште изминатите години не се даваше на вистинските земјоделци, туку отиде во рацете на компаниите и на индивидуалците кои не беа земјоделски производители, но беа блиски до власта. Овие големи компании ги преземаа и фабриките за преработка на земјоделски производи и остваруваат големи профити. Од друга страна, пак приватните производители не можат да ги покријат основните трошоци за производство и се принудени да ги продаваат и сопствените ниви. Индивидуалните производители со години наназад се уценувани од страна на откупувачите и трговците кои им го потценуваат квалитетот на производите и им ги откупуваат по багателни цени, изјави за весникот ВЕЧЕР, Каров.

Тој додава дека голем дел од овие компании и индивидуалци и покрај тоа што државното земјоделско земјиште не го користат за земјоделско производство земаат субвенции од државата.

-Мора да се стави ред на овој башибозук кој владее во македонскиот аграр, смета Каров.

Според експертите, над 70 отсто од вкупното земјоделското земјиште во државата не се обработува. И покрај тоа што имаме потенцијал да храниме 4,5 милиони луѓе не можеме да обезбедиме храна ни за два милиона. Увозот на храна достигна над една милијарда евра, а има тенденција да се зголемува и понатаму..

На крајот од минатата 2024 година беа распишани 5 јавни повици за доставување на понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост до 3 и над 3 хектари, едниот повик ги опфати површините со насади со што се овозможува легализација на насадите кои ги имаат подигнато земјоделците.

Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство информираат дека со распределба и легализација на насадите, ќе се овозможи на сопствениците да склучат договор со Министерството и ќе се стави ред во користењето на земјоделското земјиште во државна сопственост.

До МЗШВ изминатиот период пристигнале околу 1.600 понуди за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост и 220 понуди за легализација на земјиште над кое има подигнато долгогодишни насади. Од вкупно 1.600 понуди кои беа доставени до Министерството, донесени се 982 одлуки за вкупна површина од околу 2.862 хектари. А, за повикот за легализација на насадите од 220 понуди кои што пристигнаа до Министерството, донесени се 160 одлуки за избор со вкупна површина од 380 хектари.

Во наредниот период ќе се распишат нови огласи за доделување на државно земјоделско земјиште сè со цел да се стави во функција преостанатото земјоделско земјиште на земјоделците и да се создадат услови секој граѓанин кој е заинтересиран да се вклучи во производството на храна.

(А.С.)

 

ИЗДВОЕНИ