ЈП за државни патишта ги исплаќа кредитите кон кинеската Ексим банка, кои беа земени за изградба на автопатиштата Кичев – Охрид и Миладиновци – Штип. Тоа се најголемите долгови што ги враќа ЈПДП кон Кинезите, а потоа кон Светска банка и ЕБОР, но и кон домашните оператори.
Според последно објавениот финансиски извештај на ЈПДП, во последниот квартал од 2024 година, долговите достигнале 66 милијарди денари (1,1 милијарда евра), што е раст од 10 %. Преку 200 милиони евра се краткорочни обврски што треба да се вратат за една година, а во оваа бројка се вклучени обврските кон набавувачи, за дадени аванси и депозити кон Министерство за финансии, како и за земени заеми и кредити. ЈПДП е со најголема сума позајмени средства што подлежат под државни гаранции издадени од Министерството за финансии.
Вкупно 878 милиони евра се долгорочните обврски што треба да се вратат по една година. Овие обврски се намируваат од приходите во буџетот на ЈПДП од патарини, акцизи на гориво, дел од регистрацијата на возила и други услуги на пат.
Реализациите кон „Бехтел и Енка“ се водат како „инвестиции што се плаќаат од буџетски средства“.
Јавното претпријатие за државни патишта ќе продолжи да се задолжува затоа што во најава се и други проекти, како изградба на автопатиштата Скопје – Блаце и Кичево – Букојчани, за кои се очекува овој месец да се изберат изведувачите и најдоцна до пролет да бидат воведени во работа.
Инаку, ЈПДП го заврши проектот за едната траса за експресниот пат што го поврзува автопатот „Пријателство“ на Коридорот 10 и Коридорот Струма во Бугарија. Имено, станува збор делот што почнува кај Смоквица и поминува преку Валандово, Струмица, Ново Село до границата со Бугарија.
– Проектот за едната траса ЈПДП веќе го заврши, а за втората траса е во напредна фаза и сериозно работиме на изнаоѓање на финансирање – изјави вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, при посетата на Струмица.
Тој најави дека се работи и на две поголеми улици, во постапка за избор на изведувач се десет и уште два проекти преку Министерството за животна средина.
– Има 14 големи проекти за старт на оваа локална самоуправа, што мислам дека е нешто што Струмица подолго време го нема и ќе продолжи поддршката на Владата и во периодот што следува. Во комуникација сме со градоначалникот, ќе имаме посериозен работен состанок и ќе ги утврдиме следните приоритети – изјави Николоски.
(С. Бл.)












