Јавното претпријатие за државни патишта, во 2026 година ќе се соочи со значително зголемен финансиски товар по основ на отплата на кредити кон странски финансиски институции, но истовремено ќе управува со буџет кој надминува половина милијарда евра. Според Годишната програма за работа, за сервисирање на долговите се предвидени 7,5 милијарди денари, односно околу 120 милиони евра. Во споредба со 2025 година, кога биле планирани околу 65 милиони евра за враќање на рати и камати, ова претставува речиси двојно зголемување на обврските.

Од вкупната сума, околу 20 милиони евра се наменети исклучиво за исплата на камати, додека 5,6 милијарди денари, односно околу 90 милиони евра, ќе одат за отплата на тековните рати. Токму во делот на главнината е најголемата разлика во однос на претходните години. Најголем дел од средствата ќе бидат насочени кон Европската банка за обнова и развој и Кинеската Ексим банка, кои се меѓу главните финансиери на инфраструктурните проекти во земјава.

Дополнително, во 2026 година се предвидува и исплата од 12,5 милиони евра кон Министерството за финансии поради активирана државна гаранција за кредит од Ексим банка поврзан со автопатот Кичево – Охрид. Во програмата се наведува дека за отплата на репрограмираниот долг кон Министерството се планирани 746.668.000 денари. Овој долг произлегува од фактот што Министерството ги извршило отплатите на ануитетите кон Ексим банка наместо претпријатието, по што биле склучени договори за репрограмирање.

И покрај зголемените обврски, Јавното претпријатие за државни патишта во 2026 година ќе располага со вкупни приходи од повеќе од 510 милиони евра. Средствата се обезбедуваат преку трансфери од државниот буџет, приходи од наплата на патарини и преку странски кредити и грантови за конкретни инфраструктурни проекти. Буџетските трансфери остануваат клучен извор на финансирање, особено за изградба, реконструкција и одржување на патната мрежа, како и за тековни оперативни трошоци. Приходите од патарини обезбедуваат дополнителна ликвидност и играат важна улога во сервисирањето на долговите.

Средствата во 2026 година ќе бидат распределени за изградба на нови делници на автопатиштата и за изградба на нови регионални делници, рехабилитација на оштетени патишта, санација на мостови и тунели, редовно и зимско одржување, како и за изработка на проектна документација и надзор. Во пресметките за долгот не се вклучени средствата за ангажманот на конзорциумот „Бехтел и Енка“ за автопатите од Коридор 8 и Коридор 10д, бидејќи тие се финансираат директно од државниот буџет, а за 2026 година, за таа намена се предвидени околу 105 милиони евра.

Финансиската рамка за 2026 година јасно покажува дека претпријатието ќе мора внимателно да балансира меѓу зголемените обврски за отплата на кредити и потребата од континуирани инвестиции во инфраструктурата. Со преку 120 милиони евра за сервисирање долгови, што претставува значителен дел од вкупните приходи, ова ќе биде една од финансиски најпредизвикувачките години за институцијата, во која одржувањето на стабилноста ќе зависи од дисциплинирано управување со приходите и од динамиката на капиталните проекти.

(С. Бл.)

ИЗДВОЕНИ