Запленетите возила ќе можат да се возат по државните институции, ова е предвидено во последните измени на Законот за конфискуван имот. Досега со овие возила можеа да управуваат само Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, а од сега ќе можат и државните институции кои што ќе поднесат барање до Агенцијата за управување со одземен имот.
– Поради тоа што увидовме дека дел од возилата пропаѓаат, на некои од нив може да се изврши продажба за оние кои што се конечно завршени постапките, меѓутоа за оние кои што се привремено одземени не е возможна продажбата, ниту отстапувањето, па затоа предложивме нови законски измени кои што веќе стапуваат на сила.
Од Агенцијата велат дека на располагање има некаде околу 1700 до 1800 возила, дел од нив се привремено, а дел конечно одземени, односно, како што рече, за нив целосно е завршена постапката.
– Што се однесува за привремено одземени возила, најпрво ние како Агенција треба да побараме согласност од сопственикот од којшто е одземено возилото. Доколку сопственикот не даде согласност, ние се обраќаме до органот којшто го одзел возилото и доколку добиеме согласност од сопственикот или од органот којшто го одзел возилото, ние можеме да донесеме одлука согласно барањата на институциите, тие возила да ги отстапиме на државни институции, со тоа што, доколку е привремено, должни се институциите кои што ќе го преземат возилото, да уплатат 93 отсто од вредноста на возилото, која што ќе се утврди врз база на проценка, да ги уплатат средствата во државниот Буџет, а 7 отсто од средствата да ги уплатат на Агенцијата за управување со одземен имот, рече Илиевска.
Во случај возилото да треба да се врати на сопственикот по одреден временски период, директорката на Агенцијата појасни дека институцијата која што го презела треба да ги врати на сопственикот тие 93 отсто од вредноста на проценката, додека тие седум отсто ќе треба да ги исплати Агенцијата. Од Агенцијата го истакнуваат проблемот со немањето соодветни услови за чување на возилата и тие со години стојат на нивните плацеви на отворено, а има возила кои стојат и по 20 години.