Пазарот на недвижности и понатаму е под силен притисок – квадратот поскапува, а граѓаните сè почесто се задолжуваат со долгорочни станбени кредити. Државните проекти засега не носат видлив ефект врз стабилизирањето на цените. Аналитичарите предупредуваат дека без поголем обем на изградба, стабилизацијата ќе остане неизвесна
И покрај најавите од минатата година дека со изградба на државни станови ќе се влијае за стабилизирање и намалување на цената на станбениот квадрат, цените на становите и натаму растат, а побарувачката за станбени кредити бележи силен нагорен тренд од почетокот на годинава.
Според најновите податоци на Народната банка, по основ на станбени кредити, граѓаните должат кај банките 109,3 милијарди денари, односно 1,77 милијарди евра, што претставува значителен раст во однос на март, кога долгот изнесувал 85,5 милијарди денари или околу 1,3 милијарди евра. Банкарите посочуваат дека интересот за купување стан не опаѓа, и покрај рекордно високите цени за квадратен метар.
Минатата година, директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење за државата (АДИССДП), Марјан Стефановски, најави дека државната станбена изградба треба да влијае како коректив на пазарот и да придонесе за уривање на цените. Денес, тој оценува дека процесот е многу посложен.
– Стабилизирањето на цените на пазарот на недвижности не зависи исклучиво од еден чинител. Тоа е процес условен од пошироки економски услови и пазарни движења, поради што решенијата бараат координиран и долгорочен пристап – вели Стефановски.
Според него, порастот на цените на недвижностите е резултат на повеќе меѓусебно поврзани фактори: зголемената побарувачка, растот на цените на градежните материјали, повисоките трошоци за работна сила, комуналните давачки, но и инфлаторните притисоци.
Во обид да се зголеми понудата, АДИССДП годинава планира проектирање нови станбени згради во Штип, Битола и во Скопје, а се подготвуваат и тендерски постапки за избор на изведувачи за комерцијални објекти во Охрид и во Битола. Овие активности се дел од годишната програма за 2026 година, која е во процедура на одобрување од Владата.
Стефановски посочува дека државните проекти веќе привлекуваат голем интерес. Во Скопје, во населбата Даре Џамбаз, се гради комерцијален станбен објект со 112 стана, кои се веќе целосно распродадени. Во Битола е започната изградба на зграда со 65 станбени единици, а планиран е и дополнителен објект со 60 стана. Во Охрид, пак, се планира изградба на два комерцијални објекти со вкупно 130 стана.
– Цената во нашите проекти се формира врз основа на реалните трошоци за проектирање, комуналии и изградба, а не врз шпекулативни очекувања. Со зголемување на понудата, создаваме реална референтна цена и постепено дејствуваме како коректив на пазарот – истакнува Стефановски.
Паралелно, продолжува и изградбата на социјални станови. Во Прилеп се гради објект со 62 станбени единици, во Штип се подготвува нов проект, додека во Скопје, во Општина Сарај, веќе е завршен објект со 59 стана, а во Бутел е прикрај изградбата на зграда со 312 социјални стана, која наскоро треба да биде пуштена во употреба.
И покрај овие активности, пазарните движења покажуваат дека интересот за купување стан останува голем, а граѓаните сè почесто се задолжуваат со долгорочни кредити, што дополнително ја поттикнува цената на квадратот. Аналитичарите предупредуваат дека без поголем обем на станбена изградба и координирани политики, притисокот врз цените ќе продолжи, а сопствениот стан ќе остане сè подалечна цел за голем дел од младите семејства.
(С. Бл.)












